Италија ја одобри продажбата на Пјаџо ерспејс, авијацискиот гигант во земјата, на турскиот производител на беспилотни борбени летала Бајкар.
„Најголемата светска компанија за производство на беспилотни борбени летала- Бајкар, ги надмина ривалите од повеќе земји на конкурентниот тендер за продажба на Пјаџо ерспејс, основан во 1884 година“, соопшти Бајкар во врска со одобрувањето од страна на италијанското Министерство за претпријатија и „Мејд ин Итали“.
Бајкар работеше со Прагма консалтинг за финансиско вреднување за време на процесот.
Пјаџо ерспејс е најпознат во воздухопловната индустрија по производството на деловните авиони „П180 Аванти“, познати и како „ферари“ на небото, и авионски мотори.
Компанијата, исто така, игра стратешка улога во екосистемот на италијанската одбранбена индустрија благодарение на услугите за одржување, поправка и ремонт и е позната по нејзиниот придонес во технолошката инфраструктура на Италија во текот на нејзината 140-годишна историја.
Министерот за индустрија и технологија на Република Туркије изјави дека купувањето на италијанскиот гигант од Бајкар е јасен показател за успехот што турската авијација и компанијата Бајкар го постигнаа на глобално ниво.
„Купувањето на 140-годишната италијанска авиокомпанија Пјаџо ерспејс од страна на нашата национална гордост Бајкар е показател за нивото на успех што го постигнаа турската авијација и Бајкар во глобалната лига. Оваа соработка ќе послужи и за зајакнување на пријателските врски и економските односи меѓу Туркије и Италија“, напиша министерот Мехмет Фатих Кацир во објавата на социјалните мрежи.
Бајкар, најголемата светска компанија за вооружени беспилотни летала со оваа аквизиција ќе го зголеми своето влијание на воздухопловниот пазар, а истовремено ќе го зачува историското наследство на Пјаџо и ќе го зајакне производствениот капацитет.