Како изгледа мапата на специјалитети во Северна Македонија?     Фото: TRT Balkan

Балканскиот регион е далеку познат по своите природни убавини, но познат е и по вкусната храна на која ретко кој може да одолее. Северна Македонија, како дел од регионот, изобилува со бројни традиционални специјалитети.

ТРТ Балкан направи мапа на дел од разновидните специјалитети и храната препознатлива за регионите ширум Република Северна Македонија.

Инфографика: TRT Balkan

Во Скопје на симит погача

Неизоставен дел од храната во Скопје секако е симит погачата. Всушност, таа е своевиден утрински ритуал во кој уживаат многумина скопјани и која има вековна традиција. „Не си бил во Скопје ако не си пробал симит погача“ е народната изрека која сама по себе говори за тоа колку ова јадење е застапено во градот и всушност, е еден од неговите симболи.

Пита пастрмајлија во Велес

Вардарскиот регион е познат по велешката пита пастрмајлија, кавадаречкиот ѓеврек, но и кавадаречкиот маџун. Добро познато е дека во Велес има долгогодишна традиција на одржување на Пастрмајлијадата, во рамките на која се дегустира овој веќе проверен специјалитет по кој градот е препознатлив.

Кавадарци е дел од Вардарскиот регион, каде грозјето го има приматот на најдоминантен продукт, а од сокот на грозјето се добива производ со карактеристичен мирис и вкус-маџунот. Ѓеврекот се прави во речиси секоја пекара, но специфичноста на кавадаречкиот ѓеврек според пекарите од овој крај лежи во тајната на варењето на тестото.

На зелник во Малешевијата

Источниот регион е богат со природни убавини, особено Малешевието, но дополнителна убавина на целиот крај му даваат бројните специјалитети. Во прв ред тука се вбројуват беровското сирење, беровскиот мед, малешевскиот зелник, но и штипската пастрмајлија, кои се само дел од многубројните вкусни јадења од овие предели.

Колку повеќе на југот толку потопло, но и поразлично од другите. Охридската тресена пастрмка, која се подготвува со печење на скра, а се јаде заедно со фил од зеленчук, е еден од специјалитетите во кои уживаат љубителите на добра риба.

Охридско ѓомлезе

Освен што во Туркије може да се најде во речиси секој ресторан, но под името ѓозлеме, во охридскиот регион името на овој специјалитет е ѓомлезе. Ова јадење, кое главно се состои од брашно, вода и сол, често се подготвува во охридскиот и во преспанскиот регион.

Југоисточниот региот може да се пофали со богат избор на храна по која е препознатлив во пошироки рамки. Слаткото од смокви кое се прави во Гевгелија е само мал дел од вкусните задоволства.

Прилепски ширден

Рибата на трска во Дојран, традиционалниот диделија пилав, алвата со ориз, но и далеку познатиот струмички ајвар, се вбројуваат во ова „мало богатство“ специјалитети од југоистокот на земјава.

Штрудлите со јаболко во Ресен и околината, циронките - традиционално подготвените сушени преспански белвици, крушевскиот локум, битолската шкембе чорба но и прилепскиот ширден се само некои од карактеристичните јадења по кои се издвојува Пелагонискиот регион.

Ништо без тавче-гравче

Полошкиот регион може да се пофали со бројни традиционални специјалитети меѓу кои се тетовското тавче-гравче, топеница, ќае, или пак златната пастрмка од Вруток, но и мавровското сирење. Овие јадења го прават овој регион привлечен за домашните, но и за странските туристи.

На флија во Липково

Кумановскиот мезел`к, паланечки симит, липковска флија, кратовската пастрмајлија, се меѓу најпознатите специјалитети во Североисточниот плански регион со кои им пркоси на останатите региони, во поглед на храна која вреди се проба доколку се посетуваат овие места.

TRT Balkan
Популарни