Младите готвачи ќе добијат поддршка преку социјално претприемништво / Фото: TRT Balkan

Никола Марковски (15) ученик во средното угостителско училиште во Скопје, од мал има желба да стане готвач, инспириран од неговата баба со која заедно готвеле многу традиционални јадење.

„Ѓевречето е неизоставен дел од традиционалната трпеза. Истото може да се преобмисли, да се вметнат нови состојки кои се локални, имаат традиција на ова поднебје и да се додадат иновации со намази и додатоци“, вели младиот готвач.

Идејата за иновација на ѓевречето е поттикната од потребата да се врати фокусот на локалната храна, на состојките кои растат од блиското поднебје и не придонесуваат во загадувањето.

Натпревар за нов рецепт за ѓеврек / Фото: TRT Balkan TRT Balkan

Никола и неговите соученици ќе добијат посебна обука од победникот на натпреварот за нов рецепт на ѓевречето.

„Освен што учиме да готвиме, добиваме и вештини за идното вработување како подготовка на биографија, финансиска едукација и разбирање на пазарот“, вели ученикот Давид Крстевски.

Целта на натпреварот е да се поттикне социјалното претприемништво и поддршка на младите кадри. За жал огромен процент од учениците на средното угостителско училиште „Лазар Танев“ по дипломирањето се иселуваат од државата.

Меѓу главните проблеми со кои се соочуваат се несоодветните примања, но и недостигот на финансиски вештини, како да состават професионална биографија, да преговараат за нивните плати, и немаат поддршка при креирање бизнис планови и финансиско советување кога настапуваат на пазарот.

Втората цел на натпреварот е да се поттикне и одржливост на храната, произведена од македонски готвачи, со состојки кои се домашно одгледани, природни и органски и без висок импакт врз животната средина.

Ирина Јаневска, од организацијата АРНО која поттикнува социјално претприемништво / Фото: TRT Balkan TRT Balkan

„Веруваме дека Скопјани се креативни, и ова е нашиот прв гриз подлабоко во зелено социјално претприемништво. Има голема симболика зошто токму ѓеврек. За сега сакаме да пренесеме дека сите сме во кругот. И треба да се гордееме со традицијата, но мора и да иновираме. Мора да купуваме локално, да јадеме локално, да мислиме на животната средина, и да мислиме на нашата иднина“ вели Ирина Јаневска од АРНО организација која поддржува развој на социјално претприемништво.

Ѓеврекот како традиционален пекарски производ влече корени од османлискиот период иако во Туркије е познат како симит, додека пак за Скопјани симит погача има сосема друго значење и тоа е пециво кое популарно е наречено „леб со леб“.

TRT Balkan
Популарни