Секојдневно на глобално ниво се пијат над 2 милијарди шолји, правејќи го кафето еден од омилените пијалоци. Сепак, како ретка култура која доаѓа претежно од тропските и субсахарските предели, кафето низ ланецот на одгледување, обработка, производство, продажба и консумација предизвикува серија на негативни последици врз животната средина.
Затоа Светската организација за кафе (ИЦО) поведе иницијатива за намалување на штетните последици и создавање кружна економија во индустријата за кафе која ја опфаќа и личната потрошувачка, односно постапките на секој поединец што ужива во кафето.
На 1 октомври, кога се обележува Светскиот ден на кафето, главните пораки се да се намали употребата на пластични чаши за една употреба, да се селектира и рециклира отпадот од пакување на кафето и био отпадот, како и да се подобрат социо-економските услови за одгледувачите на кафе што ќе придонесе за поголема грижа за животната средина и биодиверзитетот.
„Треба да се овозможи трансформирање на отпадот во секторот на кафе во нови производи и алтернативни енергетски опции со што ќе се создаде нов приход и можности за работа и ќе ги ги намали трошоците за производство“, порачуваат од ИЦО за трансформација на кафе индустријата од линеарна во кружна економија.
Последици од монокултурни насади со кафе
Постојат четири главни видови на кафе меѓу кои арабика, робуста, екселса и либерика, сите со различен вкус и интензитет, но тоа што е поважно е начинот на кој се садат.
Еден од главните предизвици на фармите за одгледување кафе е принципот на садење монокултури што ја нарушува екологијата, одзема големи количини на вода и ја зголемува употребата на пестициди и хемиски препрати за ѓубрење.
Проценките се дека до 2050 година, поради деградација на квалитетот на почвата од монокултурните насади со кафе, над половина од земјата повеќе нема да биде употреблива, додека пак во Латинска Америка речиси 90% од почвата ќе биде уништена.
Со поголемата побарувачка на кафе, се зголемуваат и плантажите на сметка на шумите и растенијата, па така доаѓа до загуба на биодиверзитетот. Меѓу 50 земји со највисока стапка на намалување на шумите дури 37 земји се меѓу најголемите одгледувачи на кафе во светот.
И профит и задоволство
Идеите за подобрување на состојбата се кафето да се одгледува на помали фарми со комбинирано производство на други култури што ќе ја намали потребата од сеча на шума, и вештачки препрати. Исто така ќе ги намали и количините вода за наводнување, а ќе создаде услови за зачувување на разноликост на животинскиот свет.
Промените во пакувањето и справување со отпадот треба да ги сносат дистрибутерите, додека пак крајните корисници треба да се откажат од употреба на пластичните чаши, капачиња и лажички за една употреба.
Погледнете колку и какво кафе се пие на Балканот.