Да се освои ѕвезда на Мишелин, глобален систем за рејтинг на ресторани, е цел на многу ресторани во светот од доделувањето на првите ѕвезди во 1926 година.
На секој регион му се доделени инспектори кои се одговорни да пребаруваат ресторани. Инспекторите на „Водичот на Мишелин“ патуваат и вкусуваат огромен број оброци годишно и детално ги документираат овие искуства во нивните извештаи.
На крајот, инспекторите своите проценки ги внесуваат во Водичот на Мишелин, кој нуди рецензии за ресторани во кратки резимеа, симболи и високо признатите Мишелин ѕвезди обезбедувајќи ги најдобрите препораки за гастрономите ширум светот.
Што е Мишелин ѕвезда?
Постојат различни категории за оценување на рестораните. Во зависност од проценката, инспекторите можат да го наградат ресторанот со Мишелинска ѕвезда што е највисок ранг.
На рестораните може да им се доделат најмногу три ѕвезди за квалитетот на нивната храна врз основа на научни критериуми. Секоја ѕвезда има свое значење:
1 Мишелин ѕвезда: Многу добар ресторан со одлична храна кој вреди да се посети.
2 Мишелин ѕвезди: Одлично готвење и вреди да се скршне од планираниот пат.
3 Мишелин ѕвезди: Исклучителна кујна за која вреди специјално да отпатувате.
Од 1997 година, инспекторите на Мишелин на рестораните им доделуваат и „Bib Gourmand“ што значи квалитетен оброк по пристапна цена.
Според инспекторите на Мишелин, секој ресторан може да биде препорачан во различни категории се додека нуди храна со висок квалитет.
Првиот избор на Водичот на Мишелин во Западен Балкан беше лансиран во 2021 година
Иако Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Северна Македонија стануваат посакувани дестинации поради нивната прифатлива, свежа и квалитетна култура на храна, овие земји допрва треба да се приклучат на семејството Мишелин ѕвезди. Само Србија има неколку препораки од инспекторите на Мишелин.
Белград стана дестинација препорачана од Мишелин за своите богати и разновидни искуства за храна. Во 2021 година, инспекторите на Мишелин оценија повеќе ресторани во Белград врз основа на светските критериуми.
„Важната работа е историјата на еден народ. Историјата влијае на националната кујна. Значи, Србија може да биде многу горда на својата национална кујна, бидејќи имаме многу да понудиме со нашите богати јадења“, вели Слободан Стефановиќ, познат ТВ готвач во Србија за ТРТ Балкан.
Според евалуацијата, 14 ресторани, меѓу кои и многу познатите Салон 1905, Бела Река, Густи, Магелан, Хома, и Плоштад беа препорачани од Мишелин. „Ива - Ресторан за нова балканска кујна “ ја доби етикетата Bib Gourmand.
Со вклучувањето на Белград во водичот, некои готвачи веруваат дека земјите од Западен Балкан наскоро ќе добијат меѓународно внимание за тукашната гурманска култура.
„Пред неколку години, земјите од Западен Балкан не беа подготвени за Мишелин и да добијат ѕвезда поради економски и политички причини, но сега има многу добри ресторани во регионот кои чекаат проценка на Мишелин и ѕвездички“, изјави Фундим Ѓепали, познат готвач во Албанија и Италија за ТРТ Балкан.
Зошто нема Мишелин ѕвезди во Западен Балкан
Надвор од ЕУ
Многу критичари велат дека изборот на Мишелин Гајд се држи претежно до евроцентрични и јапонски селекции. Затоа, Водичот Мишелин доцна се запознава со малите балкански земји кои не се членки на ЕУ и имаат различна кујна.
„Не знам зошто инспекторите на Мишелин не дојдоа во Србија пред 2021 година. Сепак, мислам дека тоа се должи на фактот што Србија не е во ЕУ. Да се биде членка на ЕУ ги олеснува работите, но состојбите се менуваат“, вели Стефановиќ.
Зголемени трошоци
Кога инспекторите на Мишелин посетуваат ресторан, тие не размислуваат само за храната, тие ја земаат предвид услугата, амбиентот и целокупното искуство. Ова е малку скапо за рестораните.
„Подготовката за ѕвезда на Мишелин значи зголемување на општите трошоци на ресторанот. Не секој може да си ги дозволи овие трошоци. Сепак, верувам дека албанските ресторани сега се подготвени да го преземат овој трошок“, смета Ѓепали.
„Расипување на робата“
Готвачите мотивирани од наградата, пробуваат нови рецепти и нови концепти. Сепак, ова некако ја расипува оригиналноста и квалитетот на кујната.
„Наградата Мишелин ѕвезда е еден вид притисок рестораните секогаш да менуваат нешто за секогаш да имаат нешто ново и нешто подобро и на тој начин може да ја „расипаат робата“. Нема потреба да се менува ништо, бидејќи балканската храна е национална ризница“, вели Стефановиќ.
Придобивките од ѕвездата на Мишелин за Западен Балкан
Симбол на успех
Низ годините, ѕвездите на Мишелин беа симбол на успех во кулинарскиот свет. Да се има титулата „Ресторан со Мишелин ѕвезда“ покрај името е големо достигнување, особено за готвачите. Мишелин ѕвездата имплицира дека и готвачот и ресторанот се оценети и сметани како најдобри од најдобрите.
„Сакам да имам Мишелин ѕвезда, мојот сон е да го постигнам тоа!“, потенцира Ѓепали.
Промоција на земјата
Балканските земји со векови имаат влијание на светот со историјата, културата и разноликиот идентитет. Пости долга традиција на балканската кујна. Така ако направат поголем исчекор со акредитација од Мишелен може да постигнат поголем успех во промовирање на државата и економското заживување.
„Благодарение на ѕвездата Мишелин, луѓето ширум светот ќе знаат за кујната на вашата земја. Тие ќе знаат не само за вашата храна, туку и за вашите обичаи, гостопримство, култура, сите други работи што земјата им ги нуди на странците“, вели Стефановиќ.
Исто така, тој додава дека „ѕвездата на Мишелин ќе ги поддржи локалните бизниси и локални ресторани и ќе ги отвори кон светот“.
Дестинација за туристи
Со меѓународно признание како ѕвезда на Мишелин се истакнува и стандардот на понудата на туристичката дестинација. Така и рестораните со Мишелин ѕвездички се голема атракција за странските туристи.
„Главната предност да се има Мишелин ѕвезди е тоа што можете да привлечете многу луѓе во вашиот ресторан. Кулинарските туристи ширум светот и локалното население ќе дојдат да ја пробаат вашата храна“, смета Стефановиќ.
Придонес во уникатноста
Одличен начин да го привлечете вниманието на инспекторите на Мишелин е да создадете уникатни јадења што можат да ги најдат само во вашиот ресторан. Со оглед на фактот дека придонесува за креативност од светска класа, им помага на готвачите да ја развијат својата креативност.
„Сигурен сум дека Мишелин ѕвездата ќе ја консолидира балканската кујна и ќе ја модернизира. Ова ќе ја направи балканската кујна позната насекаде. Тоа ќе влијае на младите да бидат единствени и да не бидат нацрт-копија на западната кујна“, истакнува Ѓепали.