Ултра-обработената храна не е добра за когнитивните функции     Фото: AP

Повеќе научни студии откриваат поврзаност помеѓу внесот на високо обработена храна и нарушување на когнитивните способности, вклучувајќи деменција и алцхајмерова болест.

Луѓето кои се хранат со бел леб, брза храна, чоколади, чипсови и пијат обработени сокови имаат поголем ризик од гореспоменатите заболувањa. Научниците откриле дека ризикот за нарушување на функциите на мозокот се зголемува за речиси една третина, додека пак нарушувањето на извршните функции се забрзува за 25% побрзо во споредба со луѓето кои имаат исхрана базирана повеќе на природни состојки.

Едната студија ја спроведе Медицинскиот факултет на Универзитетот од Сао Паоло во која биле опфатени 10.000 жители на Бразил во период од 10 години. Била тестирана исхраната која е полна со масти, шеќери и соли, во споредба со храната која не е високо обработена и која е богата со протеини, влакна, минерали и други корисни состојки за организамот.

„Луѓето кои често вежбале имале 35% помал ризик од развој на деменција на млади години. Дополнително, дневните посети со семејството и пријателите го намалуваат ризикот од деменција за 15%. Социјалната активност е форма на когнитивна стимулација и помага да се изгради когнитивна резерва, што делумно може да објасни зошто создава заштита од деменција“, вели д-р Келијан Ниотис, невролог во Клиниката за превенција на Алцхајмерова болест од Медицинскиот факултет Веил на Универзитетот Корнел од Њујорк.

Не помагаат ни здрави оброци помеѓу

Ризиците од ваков вид заболувања се зголемуваат доколку една петтина од дневниот внес на калории се базира на високо обработени состојки и доколку тоа се прави речиси секојдневно. Самиот број на калории според научниците не е толку проблематичен, туку составот на оброците кои се штетни.

„Независно од количината на калории, независно од количината на здрава храна што се обидувате да ја јадете, ултра-обработената храна не е добра за вашите когнитивни функции“, вели професор Клаудија Суемото една од авторките на студијата.

Што е процесирана храна?

Терминот процесирана или високо обработена храна има различни значења и дефиниции, па некогаш е тешко да се определи која храна се препорачува, а која од друга страна не е пожелна за редовна исхрана. Научниците се сложни дека секој производ во кој има состојки кои се покажале како штетни по разни основи треба да се избегнуваат.

„Преработената храна е навистина само храна која содржи нездрави состојки во голема количина. Тоа би можело да бидат преработени јаглехидрати како брашно и шеќер, протеински прав. Маслата од семки се апсолутно најлошата работа во снабдувањето со храна. Ги нарекуваме осумте нездрави масла - масло од пченка, масло од канола, масло од памук, масло од соја, сончогледово масло, масло од шафран, масло од грозје и масло од оризови трици“, посочува д-р Кејт Шенахан, експертка за токсикологија на храна.

Внесот на храната има и социоекономски аспект бидејќи доаѓа во прашање и цената и достапноста на квалитетната и здрава храна, како и времето на располагање за подготовка на хранливи и здрави оброци споредено со брзината на подготовка на евтината и лесно достапна процесирана храна.

TRT Balkan / агенции
Популарни