Еден од најдобро сочуваните скелети на диносауруси, од видот Камптосаурус, познат и како диносаурусот Бери, кој датира од доцниот Јура период пред речиси 150 милиони години, ќе заврши на аукција во Париз следниот месец.
Диносаурусот кој беше откриен во 90-те години во сојузната американска држава Вајоминг првично беше реставриран во 2000 година од палеонтологот Бери Џејмс, по кого и го доби прекарот.
Италијанската лабораторија „Зоик“ (Zoic) минатата година го откупи и изврши дополнителни чекори за реставрација на скелетот кој е висок 2.10 метри и долг 5 метри.
„Станува збор за исклучително добро сочуван примерок што е вистинска реткост. Черепот е 90% сочуван, а од остатокот од скелетот се сочувани 80%“ посочи Александре Гиквело од париската аукциска куќа „Хотел Друо“ каде ќе се одржи наддавањето.
Тој додава дека сочуваните примероци на диносауруси се вистинска реткост во светот на пазарот и годишно има по само неколку продажби.
Скелетот кој ќе и биде прикажан на јавноста на средината октомвеи се очекува да се продаде за над 1 милион евра.