Тираносаурус рекс за прв пат беше поставен на аукција во Европа / Photo: Reuters

Скелет од 67 милиони години стар тираносаурус рекс е продаден на приватно лице за 6,2 милиони долари. Ова е првпат тираносаурус рекс да се најде на аукција во Европа. Примерокот е опишан како еден од најспектакуларните скелети на тираносаурус рекс кои постојат, со должина од 11,6 метри и висина 3,9 метри.

Научниците се загрижени поради зголемениот број на фосили од диносауруси кои завршуваат во приватни колекции. Ова не е прва аукција на тираносаурус рекс, или највисока цена, но таквите продажби се релативно ретки.

Минатата година скелетот на тираносаурус рекс, кој се очекуваше да достигне цена од 25 милиони долари на аукција, беше повлечен откако се појавија сомневања од каде потекнуваат делови од него.

Името на овој скелет е „293 Тринити“, бидејќи е изграден од три различни видови на тираносаурус рекс од локациите на американските диносауруси во Монтана и Вајоминг. Составен е од 293 посебни коски од примероците земени помеѓу 2008 и 2013 година.

Повеќето скелети на диносаурусите на аукција се составени делумно од гипс или замени, но повеќе од половина од 293 Тринити е вистинска коска.

Продаден е во аукциската куќа Колер во Цирих. Во интервју за веб-страницата на фирмата, д-р Ханс-Јакоб Сибер од музејот на диносаурусите Атал во Швајцарија, ја опиша како „специјална ѕверка“.

„Има само 20 или 30 добри скелети тираносаурус рекс во светот и ова е еден од поголемите и подобрите“, рече тој.

Диносаурусот го купил приватно лице и ќе остане во Европа, изјави портпаролот на аукциската куќа.

Колер се надева дека ќе излезе на јавна изложба, но во оваа фаза не е јасно какви се плановите на сопственикот.

Професорот Стив Брусат, експерт за диносауруси од Универзитетот во Единбург, за Би-Би-Си изјави дека е загрижен за тоа што се поголем број примероци на диносауруси завршуваат кај приватни сопственици.

„Повеќето музеи не можат да се натпреваруваат со длабоките џебови на олигарсите и супербогатите. Она што ме загрижува е што овие многу ретки скелети на диносауруси, кои се научно многу вредни и се важни за образованието и јавниот ангажман, исчезнуваат во трезорите на приватните колекционери, што значи дека тие не се достапни за јавно прикажување“, рече тој.

Но, д-р Денис Хансен од Зоолошкиот музеј во Цирих рече дека верува дека многу примероци на диносауруси во приватна сопственост на крајот се достапни за јавноста.

„Јас тоа го гледам на ист начин како уметноста. Историчарите на уметност би сакале секоја важна слика да биде достапна за јавноста, но искуството покажува дека порано или подоцна тоа се случува“.

TRT Balkan / агенции
Популарни