Зошто Европјаните се опседнати со лавови?     Фото: АА

Ако прошетате по историските знаменитости низ Европа насекаде ќе видите фигури и статуи од лавови, а притоа лавот во денешно време единствено живее на африканскиот континент. Сепак, кога ќе видите дека речиси секоја втора европска држава како службен грб го носи лавот сигурно ќе се запрашате, зошто Европа е опседната со лавот како симбол?

Одговорот, датира уште од праисторијата. Првата фигура на лав со човечко тело е пронајдена пред 35.000 години на територијата на денешна Германија. Но, како од праисторијата до денес симболот на лавот стана еден од најкористените на стариот континент?

Имало ли лавови во Европа?

Модерниот лав се смета за исклучиво африканско животно и освен во еден мал резерват во кралските градини во Индија, не живее природно на ниту едно друго место на планетата. Но, тоа не било така отсекогаш. При крајот на леденото доба на европскиот континент се проширил пештерскиот лав, кој бил покрупен и потежок од модерниот лав, но немал грива.

Еволуирајќи да издржи тешки и ладни зими, овој вид на евроазиски лав се протегал од бреговите на Иберија, преку Балканот, Кавказот, Русија, се до Алјаска.

Но, пред околу 14.000 години речиси целосно исчезнал како вид. Тоа се должи на затоплување на климата и експанзијата на луѓе низ Европа. Се претпоставува дека го ловеле до истребување, како и останатите огромни суштества од леденото доба, вклучувајќи ги и мамутите.

Од овој вид се родил модерниот лав наречен „пантера лео“, со два подвида- евроазиски и африкански кои имале неколку разлики, особено во изразот на гривата и градбата.

Но, и овие суштества немале среќа да преживеат уште многу долго во овој дел од светот. Преостанатите единки се верува дека се протегале на југот на Европа. На Пелопонез лавовите исчезнале целосно во текот на 10 век пред новата ера. На територијата на античка Македонија последниот лав бил во 1 век, во Бугарија и областа Тракија се наоѓал се до 4 век, а најдолго преживеал на Кавказот.

Повеќе „среќа“ имал во Азија во блискоисточните земји, пред се поради потоплата клима и предели каде немало голема концентрација на луѓе.

Епопејата на европските лавови

Први кои ги користеле лавовите во политички цели биле античките Грци, испреплетени во митологијата и уметноста. Митолошкиот херој Херкулес го поразил џиновскиот лав од Немеа што симболизирало храброст, сила, и доминација.

Но, вистинската употреба во јавниот живот на лавовите се должи на Римската империја. Како владетели на Медитеранот со амбиции за експанзија на териториите, римските владетели сакале да проектираат моќ, совршеност и застрашувачка воена сила.

Лавовите стануваат главен симбол на многу јавни институции, пред влезовите на палатите се поставуваат статуи на лавови кои треба да поттикнат восхит и почит.

Кога се организирале борби со гладијатори биле користени лавови од територијата на Балканот. Лавовите кои ги ловеле во Африка биле користени како „мамки“, односно тие се бореле со останати животни како со кучиња и мечки до смрт.

Сина крв и лавовско срце

Навраќањето на антиката во Европа низ средниот век значело и угледување на претходните цивилизации и делумно преземање на културата, симболите, и митовите за владетелите и круната.

Многу благороднички семејства низ Европа го имаат лавот за заштитен симбол. Лавот исто така се користи и како амблем на воените знамиња, што на трупите требало да им донесе дополнителна храброст во битките.

Денес дури 17 европски земји имаат државни грбови на кои се претставени лавови, а може да се сретне и кај уште многу други хералдички симболи на револуционерни и политички движења. Исто така и многу компании го користат лавот како заштитен знак, што треба да претстави успешност, лојалност и богатство.

Лавот и орелот се меѓу најчесто употребуваните животински симболи во христијанството и во зависност од периодите, улогата на црквите и политичките етапи имале различни значења. Често лавот бил претставен и како свет симбол, со скромност и божја покорност, но некогаш и како грешник или покајник.

Сепак, не постои сеопфатна научна студија за влијанието на симболите на лавот во т.н. „мрачен век“ низ Европа и досегашните истражување се парцијални. Тоа што може да се заклучи е дека лавот во оваа ера не бил егзистенцијална закана бидејќи веќе одамна бил изумрен како вид, а подоцна бил прифатен како симбол на кралските семејства со „божји благослов“.

TRT Balkan
Популарни