Најубави плажи на светот: 300 сончеви дена во годината / Photo: AA

Турската ривиера го зазема најубавиот дел не само на Евроазија туку и на Европа. Туркије, земја со морски брег долг 7.200 километри и 300 сончеви дена во годината, на странските и на домашните гости им нуди мешавина на култура, историја и плажа, луксузни хотели и разновиден свет на флора и фауна.

Сето ова ја прави турската ривиера најсовршено место за одмор. Од Медитеранот до егејскиот брег се протегаат заливи, песочни и каменливи плажи, пештери со археолошко богатство, сведоци на древните цивилизации.

Поради своите плажи Туркије е на самиот врв на земји со најголем број сини знамиња - меѓународен сертификат за стандард на квалитетот за заштита на околината на морето и брегот. Најубавите турски плажи се вистинска инспирација за секој што ги сака бањањето и уживањето во сонцето...

Капуташ: Плажа од светските насловни страници

Анталија е една од најдобро оценетите дестинации за одмор поради знаменитостите што се наоѓаат од Аспендос до Мира (Ликија), Сиде и Перге, заедно со брегот, тиркизната боја на водата, мирните заливи и спортските активности. По должината на анталиската ривиера се наоѓаат 231 плажа што имаат сертифицирано сино знаме.

Некои од плажите се долги со километри, а други се мали, скриени бисери меѓу планинските и ридските засеци. На патот Каш-Калкан се наоѓа плажата Капуташ, исклучително убава плажа, позната по песокот и тиркизното море. Оваа мала плажа е прогласена за една од 50 најубави плажи во светот.

Заливот Андреа Дорија, именуван по џеновскиот адмирал Андреј Дориј, се наоѓа на патот Финике-Демре и тоа е една од најфасцинантните плажи во Анталија. Оваа сликовита плажа опкружена со карпи, макија (средоземна џбунеста вегетација) и маслинови дрвја, ја посетуваат морските желки и средоземната фока мечка.

Плажата Патара, втора најдолга плажа во Туркије, се протега на 14 километри и се наоѓа во подрачјето на Анталија. Таа претставува едно од најважните подрачја за леглата на морските желки во Туркије. Поради тоа, од 15 мај до 15 септември и посетителите и морските желки наизменично ја користат плажата Патара.

Синиот Бодрум

Бодрум без сомнение е речиси најпопуларна дестинација за одмор во овој дел од светот поради морето и брегот што е вистински избор за летниот одмор.

Плажата Ѓумбет е најблиску до центарот на Бодрум и таа нуди сѐ - од бањање, излет со брод, нуркање или едрење.

Плажата Битез има полукружен облик, опкружена е со насади на агруми и маслинки, кои растат покрај рестораните и кафулињата.

Плажата Ѓолтуркбуку е место на кое деноноќно се излегува и се случуваат музички настани во атрактивните клубови што се наоѓаат на плажата.

Измир

Прво нешто што асоцира на Измир, град сместен јужно од Чанаккале, е Чешме, најпопуларната градска туристичка дестинација. Плажите Илиџа и Алачати се ѕвезди на ова поднебје познато по златно-жолтиот песок.

Алачати се наоѓа на 13 километри од центарот на Чешме и има најчисти плажи. Уште едно популарно место за одмор е плажата Илиџа, чие море го загреваат плитките, термални изворски води.

Зелен рај

Брегот на Асос во областа Чанаккале има малку помирно море. Двете најпознати плажи во регионот се плажата Асос Сокакагзи и заливот Кадирга, опкружени со маслинови дрвја од двете страни. Кога се зборува за Чанаккале, не треба да се заборават двата прекрасни острова - Бозџаада и Ѓокчеада.

Плажата Ајазма во Бозџаада е една од најубавите плажи на Егејското Море, а плажата Ајдинџик, долга 1.200 метри на островот Ѓокчеада, е најдобро оценета природна плажа што ја посетуваат и ја препорачуваат сурферите.

TRT Balkan / агенции
Популарни