Туристите и посетителите можат да го видат градот како дел од подводни екскурзии, но мора да имаат сертификат за напреден курс за нуркањe / Photo: Screenshot You Tube

На длабочина од 40 метри, на дното на езерото Резервоар Киандао во Кина, постои целосно зачуван град кој научниците го нарекуваат „кинеска Атлантида“.

Градот Ши Ченг (Градот на лавовите) се наоѓа на истокот на Кина, пренесува порталот indy100.

Во 2001 година градот беше повторно откриен од кинески истражувачи, кога кинеските власти организираа експедиција за да го пронајдат она што останало од изгубената метропола. Утврдено било дека градот на лавовите совршено е зачуван и по 53 години под вода, а во 2017 година бил отворен за туристи.

Но, каква е историјата на Градот на лавовите и како тој завршил под вода? Се верува дека Ши Ченг бил изграден за време на династијата Хан, помеѓу 25 и 200 година од нашата ера. Некогаш бил политички и економски центар на источната провинција Жеџијанг и во него се наоѓало регионалното седиште на владата.

Ши Ченг, стар повеќе од илјада години, бил потопен кога кинеската влада одлучила да ја заврши хидроелектричната брана на реката Ксин во 1959 година, поради што античкиот град бил поплавен и завршил под вода. Во исто време, раселени се повеќе од 300.000 жители.

Беше заборавен повеќе од 50 години

Градот бил заборавен речиси 53 години. Градските ѕидини, за кои се верува дека датираат од 16 век, имале пет влезни порти, за разлика од традиционалните четири што ги карактеризирале старите кинески градови. Широките градски улици имаат 265 сводови со камени ѕидови врежани со змејови, феникси и лавови.

Но, античкиот град е зачуван како во временска капсула од периодот кога бил поплавен. Со оглед на тоа што водата што се користела за потопување не содржела ништо корозивно, градот бил зачуван во совршена состојба.

Иако функционирал како град до средината на 20 век, Ши Ченг сè уште не е целосно мапиран.

Денес, нуркачите постепено ја проучуваат секоја зграда, структура, лак, пат и зграда за да добијат целосна слика за тоа како изгледал градот.

Туристите и посетителите можат да го видат градот како дел од подводни екскурзии, но мора да имаат сертификат за напреден курс за нуркање.

TRT Balkan / агенции
Популарни