Германија неодамна започна шестмесечен пробен период во кој вработените во 45 компании низ земјата ќе работат четири дена или еден ден помалку неделно за иста плата.
Иницијативата ја спроведува консултантската компанија Интрапренор со седиште во Берлин, заедно со непрофитната организација „4 Деј Вик Глобал“ (4 Day Week Global“ (4DWG).
Јан Бухрен од Интрапренор за Анадолу изјави дека економската криза во Германија довела до промени во пазарот на труд, поради што е неопходно да се спроведе експеримент со четиридневна работна недела.
„Гледаме промени во пазарот на труд, промени во побарувачката на работна сила, секаде гледаме некаква економска криза, но особено во Германија, а тоа бара нови начини на размислување за работата“, вели Бухрен.
Во Германија, вработените во јавниот сектор минатата година одржаа серија штрајкови барајќи повисоки плати и подобри услови за работа.
Заговорниците за пократка работна недела се надеваат дека четири дена работа во неделата ќе ги направи работниците посреќни и попродуктивни во време кога Германија се бори со пад на продуктивноста и недостиг на работна сила.
„Видовме како работниците стануваат многу креативни и наоѓаат начини да бидат пофлексибилни во начинот на работа и времето што го поминуваат на работа, така што четиридневната работа не е само четиридневна работа, досега видовме околу 12 различни начини на работа“, додаде Бухрен.
Во овој експеримент продуктивноста е голем проблем, а според Дојче Бундесбанк, откако достигна највисоко ниво од 105,20 поени во ноември 2017 година, германската продуктивност е во постојан пад, иако сè уште е повисока отколку во другите големи економии во Европа.
Поддржувачите на четиридневната работна недела тврдат дека со еден ден помалку работа во неделата би се зголемиле благосостојбата и мотивацијата на работниците, а со тоа ќе станат и попродуктивни.
Бухрен додаде дека овој раст на мотивација се забележува и во индустриите што страдаат од недостиг на вештини и персонал.
„Индустриите веќе се соочуваат со недостиг од работници, речиси е парадоксално да се каже, дали сакате да работите помалку? Така, иако овие компании нудат нов начин на ангажирање, всушност, тој влијае како поттик, како бренд на работодавецот. Така, работодавецот ја зголемува вредноста на својот бренд и бележи зголемување од 300 отсто на бројот на апликации за работа што ги добива“, рече Бухрен.
Еден ден помалку во работната недела, исто така, ги привлекува да станат работна сила оние што не сакаат да работат цела недела, помагајќи да се намали моментниот недостиг на работна сила што ја погодува Германија.
Во ноември минатата година Трговско-индустриската комора (ДИХК) објави дека половина од германските компании се борат да ги пополнат слободните работни места. Минатата година илјадници непополнети работни места предизвикаа загуба во германската економија од над 90 милијарди евра.
Иако е нејасно дали пократката работна недела на некој начин ќе го реши проблемот, Германците се возбудени да го тестираат овој модел.
Истражувањето на компанијата Форса покажа дека 71 отсто од работниците во Германија би сакале да можат да работат само четири дена во неделата. Нешто повеќе од три четвртини од испитаниците изјавија дека ја поддржуваат Владата да го испита потенцијалното воведување на четиридневна работна недела. Од друга страна, повеќе од двајца од тројца работодавци ја поддржуваат идејата.
Тиа Робинсон, директорка на берлинското училиште за јазици Експат, вели дека рамнотежата помеѓу работата и животот била причина за скратување на работната недела од пет на четири дена.
„Со КОО (главен оперативен директор, заб.ав.) имавме идеја за нашите лични желби, но и за вработените. Сакавме подобро да ги балансираме нашите животи, КОО сакаше да напише книга, јас имам дете и сакав повеќе време за ќерка ми. Значи, го сакавме тоа за себе, но не можевме да го оправдаме тоа што го правиме поради себе, а не поради вработените, па одлучивме да го направиме тоа за целата компанија и навистина сите се задоволни од резултатите“, рече Робинсон.
Таа појасни дека ги мереле задоволството и благосостојбата на вработените, како и задоволството на клиентите и ефикасноста во работата.
Церкис, администратор и учител во Експат, рече дека неговиот живот станал поисполнет и дека има повеќе време за себе.
„Сѐ повеќе редовно спортувам, имам подобар викенд, повеќе енергија и време за себе, повеќе сум фокусиран на работата и имам помалку боледувања“, рече тој.
Зборувајќи за својата продуктивност, тој рече дека со подготовките што ги направиле извршува ист обем на работа.
„Изграден е систем што гарантира дека работата може лесно да се подели и да не зависи од времето. Но, да, имам многу повеќе капацитет да се фокусирам на денот кога работам“, додаде Церкис.