Италија се обидува да ги заобиколи европските регулативи за намалување на емисиите на штетни гасови со прогласување на скутерот Веспа, која е „бензинец“, симбол на националното културно наследство.
Доколку статусот биде одобрен, тоа би значело дека „веспата“ ќе биде поштедена од ограничувањата за продажба поради нејзините прекумерни емисии, објавија италијанските медиуми.
Предлогот, кој дојде од редовите на десничарската владејачка партија Лега, предводена од министерот за транспорт Матео Салвини, беше поднесен во парламентот.
Експертите, пак, сметаат дека овој потег е чуден, со оглед на тоа што „вeспа“ е достапна и како електричен скутер во неколку верзии кои го задржуваат заоблениот изглед и стил на оригиналниот ИЦЕ.
Обидот на Италија ги одразува гласовите во ЕУ кои сакаат да ја одложат планираната забрана за продажба на возила со мотори со внатрешно согорување по крајниот рок до 2035 година. Германија го сака истото за автомобилите што работат на синтетички горива.
„Имајќи ја предвид неговата симболична вредност и извонредниот квалитет на изработка, како и неговата историска, уметничка и културна вредност, мотоциклот Веспа Пјаџо, патентиран во 1946 година, треба да биде признаен како национално културно наследство“, се наведува во предлогот.
„Вклучувањето на „веспа“ во списокот на возила од национален интерес за да се заштити од какви било ограничувања во сообраќајот е здрав, разумен предлог што активно го поддржавме со цел да го браниме наследството, митот и италијанскиот симбол на две тркала кој е познат и ценет во целиот свет“, рече Салвини.
Салвини рече дека „веспата“ мора да се вози слободно, без оглед на какви било ограничувања во сообраќајот поврзани со емисиите на штетни гасови. Инаку, „Веспа“ со бензински мотор, ќе заврши згмечена под секирата на европскиот „Зелен договор“.
Во изминативе 70-ина години се продадени над 18 милиони примероци, со произведени над 150 различни модели.