Чинкве Тере, во превод „Петте земји“, е живописен крајбрежен регион што се наоѓа на листата на Светското наследство на УНЕСКО и секоја година привлекува илјадници посетители со своите природни убавини и колоритни градби.
Овој живописен предел се наоѓа во Ла Специја, на брегот на Лигурија, во северозападниот дел на Италија, каде што е создаден уникатен спој на пејсажот и градбите.
Низ вековите, староседелците внимателно ги граделе населбите во форма на тераси за да ги обработуваат лозјата и маслинарниците по околните, тешко достапни ридови, па селата ги изградиле на карпите над морето.
Куќи биле изградени покрај потоци и на карпи, цврсто прилепени една до друга. Иако постојат уште од средниот век, селата биле непознати за туристите долго време поради тешкиот пристап и нивната специфична локација.
Во 1870 година била изградена железница која го отворила Чинкве Тере кон надворешниот свет, односно ги поврзала сите пет села со воз. Возот тргнува на секои неколку минути, а истото време е потребно да се вози од едно до друго село.
Секое село има своја уникатна историја и архитектура и нуди посебно искуство за посетителите што трагаат по природните убавини и традиционалниот италијански дух.