Калуѓерките од манастирот Друк Амитаба на врвот на ридот ја покажаа својата сила да го одбележат повторното отворање на институцијата пет години откако пандемијата на Ковид-19 го принуди манастирот да ги затвори вратите за јавноста.
„Кунг фу калуѓерките“, на возраст од 17 до 30 години, се членови на илјадагодишниот ред Друкпа, кој на калуѓерките им дава еднаков статус со монасите и е единствениот женски ред во патријархалниот будистички монашки систем.
Нормално, од сестрите се очекува да готват и чистат и не им е дозволено да вежбаат боречки вештини. Но Неговата Светост Ѓалванг Друкпа, монах кој се рангира веднаш под Далај Лама во тибетската будистичка хиерархија, ангажираше тренер за кунг фу да ги научи сестрите од манастирот Друк Амитаб да ја зголемат нивната самодоверба и да развијат вештини за самоодбрана.
Манастирот е отворен во 2009 година и денес собира 300 членови на возраст од шест до 54 години.
„Вежбаме кунг фу за да бидеме ментално и физички подготвени, а целта ни е да промовираме зајакнување на жените и родова еднаквост“, изјави 23-годишната Џигме Јангчуб Чосдон, калуѓерка по потекло од Ладах, Индија.
Калуѓерките доаѓаат од Бутан, Индија и Непал и сите тренираат кунг фу, кинеска боречка вештина за самоодбрана и сила.
„Со самодовербата стекната преку кунг фу навистина сакам да и помогнам на заедницата, младите девојки да ја изградат сопствената сила“, изјави 24-годишната Џигме Јангчен Гамо, сестра од Рамехап, Непал.
На веб-страницата на манастирот пишува дека комбинацијата на родова еднаквост, физичка сила и почит кон сите живи суштества претставува враќање на редот кон неговите „вистински духовни корени“.
Во минатото, калуѓерките учествуваа во долги експедиции пеш и со велосипед на Хималаите за да соберат пари за помош при катастрофи, како и да промовираат еколошки начин на живот.