Кралската ковачница го претстави официјалниот изглед на првите монети со ликот на новиот британски крал Чарлс Трети. Првите монети што го носат портретот на кралот се монетата од пет фунти и задната страна на монета од 50 пени во знак на сеќавање на животот на кралицата Елизабета Втора.
Дизајнот е на британскиот скулптор Мартин Џенингс кој работел според фотографија и бил лично одобрен од новиот крал. Во согласност со традицијата, портретот на Чарлс е свртен во спротивна насока од онаа на неговата мајка. Како и со претходните британски кралеви, и за разлика од кралицата, тој не носи круна.
Кралот Чарлс лично го одобри ликот и бил задоволен од сличноста.
На задната страна на монетата од пет фунти има два нови портрети на кралицата Елизабета, додека на задната страна на монетата од 50 пени има дизајн кој првично се појавил на крунисувачката круна во 1953 година.
Ен Џесоп, извршна директорка на Кралската ковачница, рече дека монетите генерално траат 20 години, така што и монетите на кралицата Елизабета и на кралот Чарлс ќе бидат во оптек заедно уште многу години.
Сите околу 27 милијарди монети кои моментално циркулираат во Обединетото Кралство и го носат ликот на кралицата Елизабета ќе останат легално средство за плаќање и со текот на времето ќе бидат заменети со монети со ликот на Чарлс.