Уделот на пушачи во Германија значително се зголеми од почетокот на пандемијата со коронавирусот (Ковид-19), покажуваат прелиминарните резултати од германското истражување за навиките на пушачите (DEBRA) кое се уште трае.
Повеќе од третина (34,5 отсто) луѓе на возраст од 14 години па нагоре се пушачи, покажува истражувањето.
Пред пандемијата, на почетокот на 2020 година, пушачи биле околу 27 отсто луѓе, според истражувањето во кое се следат пушачките навики на пошироката популација.
Епидемиолог и раководител на DEBRA Даниел Коц го опиша порастот како застрашувачки развој на настаните.
Коц тој тренд првенствено го припишува на враќањето на поранешните пушачи кои повторно почнале да пушат поради стресот и тешкотиите предизвикани од пандемијата со Ковид-19.
Нагласи дека сепак е охрабрувачки што помалку млади луѓе почнуваат да пушат, за разлика од трендовите од седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век.
„Охрабрувачки е што се помалку луѓе пушат“, повтори Кристина Румел, директор на германскиот Центар за проблеми со зависност.
„За жал, моментално приметуваме спротивен тренд меѓу возрасните“, додаде таа.
Румел е меѓу оние кои велат дека владата не прави доволно за да се спречи пушењето со силна политика на превенција, за разлика од примерот на Нов Зеланд кој размислува во иднина да забрани продавање на цигари.
„Што се однесува до политиката на контрола на тутунот, Германија е меѓу земјите кои заостануваат во споредба со други држави“, рече таа.
Катрин Шалер од Германскиот центар за истражување на ракот во Хајделберг рече дека Германија мора да ги спречи рекламите и продажбата преку автомати.
„На пушачите им се нуди премалку поттик да престанат да пушат и добиваат премалку поддршка да престанат. Освен тоа, произведувачите се повеќе лансираат нови производи како што се е-цигари, грејачи на тутун и никотински вреќички“, додаде Шалер.