Во Бихуеска, некогаш важно место на границата помеѓу кралствата Арагон и Кастилја, чиј сојуз во 1469 година ја создал Шпанија, живеат само 18 луѓе / Photo: Facebook

Бихуеска, на североистокот на земјата, некогаш била важно место на границата помеѓу Кралството Арагон и Кралството Кастилја, чиј сојуз во 1469 година ја создал Шпанија.

Урнатините на замокот на ридот и големата камена црква во подножјето се потсетување на времето кога оттаму минувале патници и трговци.

Денес таму се регистрирани само 98 жители, но од нив всушност живеат 18. Останатите го пријавиле живеалиштето за да платат помалку за регистрација на автомобил отколку во градот каде што всушност живеат.

„Толку сме малку што овде не навлегол ниту коронавирусот“, вели 55-годишната Беатриз Гои, најмладата жителка на Бихуеска. За време на пандемијата никој не бил заразен, додава таа за ХИНА.

Селото има едно кафуле, кое исто така е ресторан, управувано од Беатриз и нејзиниот 60-годишен сопруг Хозе Луис.

„Нашето место е кафуле, исповедалница, пекара, аптека и киоск“, вели Беатриз.

За време на Божиќ во селото дојдоа 300 луѓе по потекло од тој крај, но сега десетици куќи повторно се празни. Во селото нема поп. Бијуеска е оддалечена 45 километри од градот Сорија, а од друга страна, 45 километри од градот Калатајуд, од каде свештеникот доаѓа да одржи миса во сабота, иако понекогаш во црквата има само тројца верници. Најблискиот здравствен дом е оддалечен 25 километри.

„Според законот на природата, иднината на овие села е смртта, вели Хозе Луис.

Во провинцијата Арагон има 1,3 милиони жители, од кои половина живеат во најголемиот град Сарагоса.

Со диплома и технологија до село

Во септември, за време на шестмесечното претседавање со ЕУ, шпанската влада организираше конференција за иднината на руралните места во Сигуенца, село на еден час возење од Мадрид.

„Руралната депопулација е исклучително сложен проблем“, вели Игнасио Муиз, одговорен за планирање на политиките во шпанското Министерство за земјоделство.

„На нашите ниви и фарми ни требаат млади луѓе со високо образование за да се произведува храна на одржлив начин“, додава тој.

Муиз смета дека работата во земјоделството ќе стане попосакувана за младите доколку се примени модерната технологија и знаењето што младите го стекнуваат во училиштата.

Тој тврди дека левичарската влада во наредните години ќе инвестира пари во технолошко опремување на селата.

Игуасио Хозе Ескуин, 34-годишен фармер, дипломирал на Земјоделскиот факултет во Валенсија и се вратил во родното село Каланда со население од 3.800 жители.

Заедно со неговите родители раководи со садење праски како дел од задругата „Сан Мигел де Каланда“.

„Ја сакам земјата и работам на неа“, вели Игуасио додека шета по теренот со својот 22-годишен брат Хуан Карлос.

И Хуан Карлос, кој го следи модерниот систем за наводнување на својот мобилен телефон, вели дека сака да остане таму. Минатата година испорачале 310 тони праски, но поскапувањето на горивата и вештачките ѓубрива, строгата регулатива и долгиот сушен период ја загрозуваат профитабилноста на нивниот бизнис.

„И овде младите ги сакаат селата, но за нив неманикакви содржини, па си заминуваат“, вели Хозе Луис во Бихуеска.

Руралниот туризам како шанса

Од 18 жители, осум се пензионери. Началчалникот не живее таму, туку во друго село, па Хозе Луис е одговорен за итни случаи. Проверува дали има струја, дали работи водоводот, а жителите му ги презентираат проблемите. За нив отвора и своевидна библиотека и спортска сала кои речиси никој не ги користи. Во сите села има сали кофинансирани со пари од ЕУ.

„Свесни сме дека депопулацијата е проблем кој бара и услуги“, вели Муиз од министерството во Мадрид.

„Затоа работиме на подобрување на услугите во селата“, додава тој.

Хозе Луис, сепак, се жали дека владата не инвестира доволно пари, а началниците кои управуваат со селата се платени и не прават ништо за да ја сменат ситуацијата.

Затоа собрал луѓе од други села и им предложил да се занимаваат со рурален туризам. За време на пандемијата, многу луѓе одеа во села и природа наместо на преполни плажи.

„Планираме да носиме туристи од градовите, потоа да организираме гастрономска обиколка на овие села и преспивање“, вели Хозе Луис, додавајќи дека селата имаат богато минато со интересни приказни.

Кога ќе дојде лето, ќе организираат музички концерти, ќе печат месо и ќе понудат коктели покрај реката.

Но тоа не е единствениот план на луѓето во Бихуеска. Тие имаат намера да привлечат млади уметници, информатичари, писатели и сите оние кои можат да работат од дома преку интернет во десетици напуштени куќи.

„Тие би работеле во мирна и инспиративна средина“, забележува Хозе Луис, а со оглед на тоа што изнајмувањето станови во градовите како Мадрид и Барселона е прескапо, „тие можат да живеат тука по прифатлива цена и квалитетно“, додава тој.

HINA
Популарни