Франција оваа недела ја погоди третиот топлотен бран оваа година и температурите на асфалтот пред Париската опера достигнаа 56 степени Целзиусови, а дрвјата кои би овозможиле сенка ги нема на видикот.
Плоштадот пред операта е еден од таканаречените урбани топлотни острови во градот во кои нема дрвја кои би овозможиле сенка и би ја спуштиле температурата на воздухот.
Само неколку минути пешачење понатаму, во ладовинката под дрвјата долж Италијанскиот булевар температурата изнесува 28 степени Целзиусови.
„Веднаш има малку ветер. Можете да дишете“, рече експертот за урбано планирање Тнагу Ле Дантек, кој основаше здружение кое се спротивставува на сечењето дрвја.
Во споредба со другите светски велеградови, Париз лошо котира кога станува збор за зелени површини.
Според податоците на организацијата „World Cities Culture Forum“, само 10 отсто од Париз се зелени површини како што се паркови и градини, во однос на 33 отсто во Лондон и 68 отсто во Осло.
Минатиот месец беше најтопол јули во Франција од кога постојат мерењата, според националната метеоролошка служба Meteo France.
Градските власти затоа сакаат да создадат „острови на свежина“ и планираат да засадат 170.000 стебла до 2026 година.
Исто така го отстрануваат бетонот од десетици училишни игралишта и го заменуваат со земја и вегетација.
„Станува збор за голем проект на садење стебла и вегетација, многу поголем отколку за време на претходните градски управи“, рече заменик на градоначалничката Жак Баудиер задолжен за зелена енергетска транзиција на зградите.
Но и поради тоа некои протестираат.
Ле Дантек и други еколошки активисти, истакнуваат, дека локалните власти сечат десетици стари стебла за да добијат простор за паркови. А младите стебла се почувствителни на сушата и послабо штитат од горештини.
Активистот Томас Браил во јули снимал соборување на повеќе од 70 стебла во северните предградија за да се создаде простор за „зелениот појас“ околу градот, како што замислила градоначалничката Ани Хидалго.
Урбаните планери истакнуваат дека Париз не може да се редизајнира за да ги поднесува климатските промени подобро, без соборување на некои стебла.
Но, Брали нагласува: „Тие стебла имаа своја улога“.