Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган во изјава од Анкара рече дека ќе ја продолжи борбата се додека не се формира независна и суверена палестинска држава и дека во израелските напади врз Газа победата ќе им припадне на Палестинците, пренесува Анадолу.
Ердоган присуствуваше на „Турско-иранскиот бизнис форум“ што се одржа во Претседателскиот комплекс во рамки на посетата на Туркије од страна на иранскиот претседател Ебрахим Раиси.
За време на своето обраќање пред присутните тој зборуваше и за израелските напади врз Појасот Газа.
„Во израелските напади врз нашите невини браќа и сестри Палестинци, загинаа 26.000 луѓе, главно деца и жени, а 65.000 наши браќа беа ранети. Сите ги видовме вистинските лица на оние кои со децении го учат светот за човековите права и демократијата“, рече турскиот претседател.
Ердоган рече дека „ќе ја продолжи борбата додека не се воспостави независна и суверена палестинска држава, заснована на границите од 1967 година, со главен град источен Ерусалим“ и додаде:
„Никогаш нема да ги оставиме нашите палестински браќа. Очекуваме сегашната израелска администрација, која се храни со крв и солзи, да види дека овој пат по кој чекорат не е вистинскиот пат и што е можно поскоро да стави крај на нивните масакри. Реков претходно, оние кои се обидуваат да станат добри преку суровост ќе имаат страшен крај. Во овој процес, победата ќе им припадне на нашите браќа Палестинци. Нека Бог ги опкружува нашите палестински браќа со Неговата милост и поддршка“.
За време на своето обраќање, Ердоган ги потсети присутните и дека тие се собраа на 8. состанок на Советот за соработка на високо ниво меѓу Туркије и Иран.
Посакувајќи форумот, за кој верува дека дополнително ќе ја зајакне економската и трговската соработка меѓу Туркије и Иран, да биде корисен, Ердоган рече дека се надева оти активноста ќе поттикне нови проекти, соработка и инвестиции во економските и трговските односи.
„Денес потпишавме 10 договори во различни области и овие договори ја зајакнаа правната основа на нашите односи“, рече Ердоган, додавајќи:
„Затоа, Туркије и Иран, двете големи регионални сили, дефинитивно мора да ја унапредат меѓусебната економска соработка заради просперитет, развој и стабилност. Со ова, продолжуваме со нашата решеност да ја постигнеме трговската цел од 30 милијарди долари што ја поставивме претходно со Иран. "