Министерот за надворешни работи на Туркије, Хакан Фидан, вчера ја критикуваше меѓународната заедница бидејќи не ја запре војната во Појасот Газа, и изрази загриженост поради ефектот на прелевање на војната во регионот, известува Анадолу.
„Сто и девет дена од почетокот на судирите. Срамно е за меѓународната заедница што сѐ уште не е во состојба да го запре крвопролевањето во Газа и на Западниот Брег. Газа некогаш беше отворен затвор. Сега е бојно поле на кое израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху наредува воени операции за убивање на цивилите за да може да го продолжи својот политички живот“, рече Фидан на состанокот на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата на Блискиот Исток, вклучувајќи го и палестинското прашање.
На состанокот под водство на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, учествуваа министрите за надворешни работи и амбасадори на 15 земји членки, заедно со други нации, кои ќе дискутираат за продлабочувањето на кризата во Појасот Газа, кој се соочува со хуманитарна криза поради немилосрдните израелски воени операции, сѐ поголемиот број загинати, со сѐ поголемиот број повици за итен прекин на огнот.
„Аргументот дека моменталната војна се однесува за обезбедување на сигурноста на Израел, дека станува збор за правото на Израел на самоодбрана е далеку од уверлив. Сепак, поборниците на овој аргумент никогаш не зборуваат за сигурноста на Палестинците, ниту за правото на Палестинците за самоодбрана“, истакна Фидан.
Потенцирајќи дека Израел „прави сериозни воени злосторства“, Фидан рече дека извршителите мораат да одговараат за да може да се врати довербата во меѓународното право и поредок заснован врз правила.
Тој рече дека Туркије е сериозно загрижена поради извештајот дека израелските воени злосторства во Газа би можеле да претставуваат геноцид, истакнувајќи дека Анкара ја поздравува тужбата поднесена од Јужноафриканската Република пред Меѓународниот суд на правдата во врска со израелските кршења на обврските според Конвенцијата за геноцид од 1948 година.
Министерот за надворешни работи на Туркије ја нагласи потребата да се избегне географската ескалација на судирот.
„Турција постојано предупредува на ризиците од прелевање. Сега тој ризик стана реалност. Неодамнешните инциденти во Црвеното Море, Јемен, Либан, Ирак, Сирија, Иран и Пакистан се многу алармантни. Оваа ескалација има потенцијал да се претвори во геостратешки вител од кој никој не може лесно да избега“, рече Фидан.
Тој ги повика Израел и неговите поддржувачи да побараат дипломатско решение додека сѐ уште е можно тоа.
„Војната која е во тек во Газа и пошироко не може да доведе до мир ниту потчинување. Имаме историска одговорност да ја запреме оваа војна“, истакна Фидан.
Војната во Газа
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, станбените објекти, училишта, болници и верски објекти по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени најмалку 25.490 Палестинци, главно жени и деца, а ранети се повеќе од 63.354 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат Израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.