Евакуирани последните тројца македонски граѓани од Појасот Газа / Photo: AA

Последните тројца македонски државјани кои ги контактирале македонските дипломатски конзуларни претставништва во Каиро и Тел Авив се успешно евакуирани од Појасот Газа, информираше утринава македонското Министерство за надворешни работи.

Од Министерството велат дека семејството кое го сочинуваат мајка и две деца привремено ќе бидат сместени во Каиро, а веднаш потоа ќе бидат вратени дома со помош на Меѓународната организација за миграции (ИОМ) .

„Потсетуваме на нашите контакти за пријава на евентуални наши државјани во Газа. СОС-телефони на МНР- 075/ 273- 732 и 075/268-736, дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378 и дежурниот телефон на Амбасадата во Каиро +201033615542“, стои во соопштението на МНР.

Од почетокот на војната, македонското МНР постојано апелираше македонските граѓани кои се затекнати во Појасот Газа да се пријават за евакуација.

На 1 ноември минатата година МНР евакуираше петтемина македонски државјани од оваа област.

Израел го нападна Појасот Газа на 7 октомври минатата година веднаш по прекуграничниот напад на палестинската група на отпорот Хамас. Досега во војната загинаа најмалку 25.295 Палестинци, а повредени се околу 63.000, додека во нападот на Хамас се верува дека биле убиени речиси 1.200 Израелци.

Според ОН, израелската офанзива принуди 85 отсто од населението во Газа внатрешно да се расели поради сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена.

MIA
Популарни