За Хрватите новата година почна со оптимизам. Хрватска се приклучи на еврозоната и на Шенген зоната - две од големите достигнувања на проектот за европска интеграција.
Како и со повеќето прашања кои се однесуваат на Европската унија, процесот на приклучуваање кон еврозоната е многу технички и досаден.
Земјите-членки треба да се усогласат и да ги исполнат критериумите за приближување, исто така наречени критериуми од Мастрихт од 1992 година. Тие претставуваат збир на обврзувачки економски и правни услови, кои вклучуваат стабилни девизни курсеви и ниска инфлација,
Заедно со оценките од Европската централна банка, земјата за која станува збор бара зелено светло од институциите на ЕУ, вклучително и Европската комисија, Европскиот парламент, и едногласен консензус од сите земји-членки на ЕУ преку Советот на ЕУ.
Во јули 2022 година, одлуката на Советот со која се потврдува пристапот на Хрватска во еврозоната го отвори патот за Хрватска формално да влезе во еврозоната почнувајќи од 2023 година.
Хрватска ѝ се приклучи на ЕУ во 2013 година. Во 1991 година стана независна држаа по распадот на Југославија. На земјата и требаа десет години за конечно да стане членка на еврозоната. Последна земја која стана дел од еврозоната пред Хрватска е Литванија во 2015 година.
Сепак, многу аналитичари истакнаа дека ова не е најповолниот момент за пристапување на Хрватска во еврозоната, во услови кога еврото слабее и најавена е рецесија на континентот. Навистина, за прв пат по дваесет години, еврото беше на нивото на американскиот долар во средината на 2022 година.
Ќе и помогне ли еврозоната на Хрватска?
Во блиска иднина, приклучувањето кон еврозоната ќе и донесе клучни предности на Хрватска, не само во подобрувањето на условите за одење бизнис и патување.
Прво, елиминирањето на потребата од размена на валута ќе му даде поттик на хрватскиот туризам, индустрија која сочинува 20 отсто од БДП на Хрватска. 70 отсто од туристите во Хрватска пристигнуваат од еврозоната.
Нормално, истите бенефиции ќе им бидат дадени на Хрватите кои ќе го посетат остатокот од еврозоната. Над половина од надворешната трговија на Хрватска се одвива и со земји кои се членки на еврозоната и тргувањето во иста валута го прави процесот полесен. Покрај тоа, усвојувањето на еврото ќе ја направи Хрватска поатрактивна за инвестиции, ќе ја зајакне конкурентноста, ќе ги намали каматните стапки и трансакциските трошоци, ќе ја зголеми економската отпорност и ќе обезбеди амортизација од надворешни шокови, а со тоа ќе доведе до поголем економски раст, финансиска сигурност и подобар животен стандард. Сето ова е од витално значење за земја која има нивоа на приходи пониски од просечните во споредба со остатокот од ЕУ.
Усвојувањето на еврото, исто така, ќе помогне во справувањето со зголемената инфлација, вклучително и вртоглавото покачување на цените на храната и енергијата, предизвикани од војната на Русија во Украина. Земјите од еврозоната имаа пониски нивоа на инфлација од 10 отсто во споредба со инфлацијата од 13,5 отсто во Хрватска во Ноември 2022 година. Дополнително, Хрватска би добила и од поцврсти финансиски врски и со Европската централна банка како и со 19-те други земји-членки на еврозоната.
Сепак, и покрај овие придобивки од влезот во еврозоната, чувствата меѓу Хрватите се измешани, а граѓаните изразуваат страв и скептицизам. Само 55 отсто од граѓаните на земјата се за еврото, додека други стравуваат од потенцијално повисоки цени во услови на зголемени трошоци за живот во период кога хрватските потрошувачи веќе се борат со брановите на инфлацијата со оглед на целокупното економско опкружување.
Други стравуваат дека промената на валутата ќе им овозможи на бизнисите да ги заокружат цените за време на конверзијата, што ќе резултира со зголемени трошоци за живот. Она што е интересно е дека слична приказна се случи во 2013 година, кога Хрватска требаше да се приклучи на ЕУ, каде слични стравови поттикнаа само 45 отсто од Хрватите да го одобрат членството на Хрватска во ЕУ.
Сепак, и покрај ова измешано расположение, еврото воопшто не е ново за Хрватите. Како што наведува Европската централна банка, хрватската економија се карактеризираше и со висок степен на евроизација. Всушност, многу ценети средства во Хрватска, вклучувајќи автомобили и недвижен имот, заедно со 80 отсто од банкарските депозити и 60 отсто од заемите беа во евра, поради недостигот на доверба во локалната валута куна, создадена во 1994 година.
Последици за Унијата
Додека Хрватите остануваат поделени околу придобивките од пристапувањето, влезот на Хрватска може да има негативни последици врз состојбата на самата еврозона. Целта на критериумите од Мастрихт беше да и се овозможи на еврозоната да биде економски стабилна, но извештаите покажуваат дека Хрватска целосно не ги исполнила критериумите за пристапување во еврозоната.
Во периодот помеѓу 2014-2020 година, иако Хрватска ги исполни критериумите за инфлација и каматна стапка, извештаите за проценка на придружувањето на земјата покажуваат дека таа не ги исполнувала условите за јавните финансии и другите законски услови. Во 2022 година, долгот на Хрватска изнесуваше 70 отсто од БДП, што е над ограничувањето од 60 отсто предвидено во критериумите. Освен тоа, сеќавањата на системската криза во еврозоната од 2010 година по распадот на Грција се уште се свежи во ЕУ.
Покрај тоа, поттикот за Хрватска за понатамошно спроведување на економските реформи, исто така, може да се намали по нејзиното влегување. Така, може да се доведе во прашање и проширувањето на едновалутната унија со оглед на значителните разлики во богатството меѓу земјите во еврозоната.
Сепак, сликата не е толку мрачна, имајќи предвид дека дури и основачите на еврозоната не ги исполнувале секогаш сите неопходни фискални услови. Згора на тоа, еврозоната стана посигурна од кризата во 2010 година. Тоа се гледа во неколкуте итни фондови како што се Европскиот механизам за стабилност и Единствениот фонд за решавање проблеми основани во 2012 и 2016 година за помош во потенцијалните спасувачки пакети.
Европската централна банка, исто така, ја презеде интервентната улога на заемодавач во последна инстанца, доколку е потребно, што би можело да спречи потенцијална финансиска криза во една земја-членка која ќе влијае на целата еврозона. Покрај тоа, хрватскиот финансиски систем е многу помал од оној на многу други земји-членки на ЕУ за да претставува значителна закана за целата Унија.
Освен тоа, повисоките нивоа на долг на Хрватска се припишуваат и на разорното економско влијание на пандемијата „Ковид-19“, војната на Русија во Украина што се совпаѓа со високите нивоа на долг и инфлацијата во повеќето земји од еврозоната.
Сепак, иако усвојувањето на еврото несомнено ќе донесе значителна економска вредност, Според Светската банка Хрватска ќе треба да го надмине ова и да усвои соодветни политики за да ја зголеми продуктивноста на земјата и да ги промовира инвестициите. Ова би можело да вклучи преориентација на нејзината економија од тоа да биде силно зависна од услугите да го вклучи и производството. Дополнително, опаѓањето на општата популација, заедно со егзодусот на млади Хрвати кои претпочитаат да работат во побогатите соседни земји, исто така придонесоа за бавен економски раст.
И покрај тоа, влезот на Хрватска во еврозоната и нејзината подлабока интеграција во ЕУ се чини дека е политичка одлука колку што е економска, што ја покажува привлечноста на заедничката валута во период кога Русија се бори за распад на европско единство додека ја продолжува својата војна против Украина.
Шаири Малхотра
Шаири Малхотра е соработник за Европа во Истражувачката фондација Обсервер во Њу Делхи. Таа, исто така, работеше со Европската служба за надворешни работи - официјалната надворешна политика на Европската унија, и со тинк-тенкови во Мумбај и Брисел. Нејзините интереси вклучуваат современа геополитика, индиска надворешна политика и европски прашања.