Корисниците на Твитер често реагираат, така што споделуваат одредени содржини кои ги подготвува Дојче веле на турски јазик (DW Turkce), го критикуваат и тврдат дека DW Turkce е попристрасен во Туркије отколку DW во Германија.
Кога се размислува за идеолошкото позиционирање на DW Turkce, тоа oбично се прави со воспоставување некоја поврзаност помеѓу германската држава и DW. Позадината на ова е фактот дека DW е официјална медиумска куќа на германската држава и дека има можност на емитување на програми на јазиците на различни држави, со поддршка на Германија. Без сомнеж, оние кои малку подобро се запознаени со ова, засноваат ваков пристап на идентитетот и на историската позадина на DW. Затоа, кога DW Turkce нешто објавува, луѓето автоматски наоѓаат поврзаност со Германија.
На овој облик на перцепција можат да се спротивстават раководителите на DW и можат да речат дека не постои врска помеѓу нивната општа политика на емитување и германската држава. Тие дури можат да кажат дека се независна медиумска куќа изолирана од сите центри на моќ, дека приходите ги заработуваат од новинарство и дека основале свои медиумски сервиси во различни држави благодарејќи на приходите кои на тој начин ги добиваат. Тие имаат право на ваков пристап. На крајот на краиштата, јавноста одлучува кој е во право и во согласност со тоа го формира својот став.
Меѓутоа, во овој момент во општеството во Туркије постои крајно јасна ситуација во која DW Turkce во очите на тоа општество се перципира како медиумска куќа на Германија, и кога се објавува содржина во овој медиум, автоматски се поставува врска помеѓу таа содржина и германската надворешна политика. Доколку, како што велат раководителите на DW овој пристап не ја одразува вистината и станува збор само за начин на перцепција, на нив е тоа да го исправат.
Вести засновани на двојни стандарди
Една од највпечатливите карактеристики во вестите кои ги произведува DW Turkce е двојниот стандард. Во своите објави, тие покажуваат позитивен пристап на настаните, односно на процесите кои се одвиваат во Германија или некоја друга држава, а кога е во прашање Туркије, нивниот пристап станува негативен. На пример, кога на дневен ред се законските прописи за објавите на социјални мрежи, за истиот нацрт закон во Германија се објавуваат позитивни вести. Во веста објавена на 30 јуни 2017 година, се наведува: „Германскиот парламент одобри закон кој наметнува построги одговорности на страниците на социјалните мрежи во борбата против објавите кои содржат омраза. Сега Фејсбук и Твитер мораат посилно да се борат против омразата“, и тука е јасно дека е употребен позитивен јазик во тие реченици и во тој контекст се оценува и самата содржина на веста.
Важно е да се напомене дека постои поинаков пристап во вестите објавени во DW Turkce за сличен нацрт закон кој е подготвен во Туркије. Со фразата „Илјадници луѓе ќе се соочат со судска постапка“ во насловот на веста објавена на 18 јуни 2022 година, овој пропис првенствено се споделува во негативен контекст. Коментирајќи го „Законот за дезинформации“ за DW Turkce, експертот за кибернетичко право Јаман Акдениз предупреди дека „илјадници луѓе ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, поради кривичното дело „јавно ширење на лажни информации“, и такви изрази се пренесуваат на начин кој го поддржува понудениот наслов. Постои опсежна содржина која поддржува исти предрасуди преку вестите, вклучувајќи го воведот, заплетот и заклучоците.
Меѓутоа, во вестите не се наведуваат мислењата на правниците кои го поддржуваат споменатиот закон и се игнорира ставот кој го поддржува донесување на законот.
Освен тоа, визуелните материјали користени на Твитер профилот DW Turkce, имаат улога на пропратен материјал во содржината на вестите. Во еден од двата употребени клучни изрази се наведува прописот познат како „Законот за дезинформации“, всушност - подготовка за избори, според експертот за кибернетичко право @cyberrights, додека другиот директно се однесува на внатрешната политика на Туркије и таму стои „Како што се приближуваме до изборите во 2023 година, стотици па и илјадници луѓе ќе се соочат со истрага или процесуирање поради новиот облик на кривичното дело“. Во друга вест, објавена на 2 јули 2020 година, DW Turkce објави сличен текст, под насловот „Слободата на интернетот во Туркије во рацете на прописите“.
Изразите на видеоснимката споделена на Твитер на DW Turkce и вметнати во веста, изгледа дека се избрани за да се прикаже ова прашање на уште посензационален начин. Меѓутоа, фактот дека фразата во насловот е мислење на правникот не го оправдува DW Turkce кога текстот се чита во рамките на анализата на дискурсот.
Ставовите за тоа кои содржини ќе бидат претставени во новинарството, какви ќе бидат насловите, од кого ќе се земе мислење и како ќе му биде пренесено на читателот, одраз се на општата уредувачка политика и според тоа се обликува и самиот облик на содржините. Затоа, како што тука се гледа, DW Turkce покажува позитивен пристап кон правните прописи за социјалните мрежи кога станува збор за Германија, а негативен пристап кога станува збор за Туркије. Ваквиот пристап кој корисниците на социјалните мрежи во Туркије го следат внимателно, оценет е како двоен стандард. Со оглед дека тоа се објавува на DW Turkce, се перцепира во однос на германската надворешна политика.
Спротивно на турско-германското пријателство
Темата „сексуални работнички - проститутки“ се најде во центарот на уште една содржина на која следуваа жестоки реакции на социјалните мрежи. Веста, која првин е емитувана на каналот на Јутјуб „+90 Youtube“ под насловите „Да се биде сексуална работничка“ и „Јасемин е сексуална работничка и ја сака својата работа“, подоцна го објави и DW Turkce. Кога ќе ја погледнеме самата содржина на веста, може да се воочи дека се испраќа пораката дека жените кои нудат сексуални услуги и кои се бават со проституција во Туркије заработуваат многу добро и живеат добро. Гледајќи ја содржината на веста, се гледа дека поттикнува извршување на оваа работа. Откако истата вест ја објави DW Turkce, се појавија пораки на корисниците на социјалните мрежи во кои се наведува дека DW гледа на ова прашање позитивно кога станува збор за Туркије и негативно кога е во прашање Германија. Во еден од овие примери од 22 јуни 2018 се наведува дека проститутките се претепани и дека едвај плаќаат кирија за стан во Германија, односно прикажан е негативен пристап. Во веста е користена и понижувачка фотографија.
Во меѓувреме, потсетуваме дека каналот +90 заеднички го основаа четири медиумски групи со седиште во Германија, САД, Велика Британија и Франција за емитување на турски јазик во 2019 година, а DW е во центарот на самата организација.
Како резултат на тоа, можно е да се наведат и други примери на такви двојни стандарди.
Поради содржините во овој контекст, DW Turkce посебно го критикуваат корисници на социјални мрежи во Туркије поради недоследност во новинарството.
Како резултат на автоматската поврзаност помеѓу DW Turkce и Германија, поради ваквите вести се појавува знак на прашање во главите на граѓаните и за самата германска надворешна политика кон Туркије. Можеби Германија дури не е ниту свесна за сите овие содржини и вакви пристапи. Бидејќи, турско-германското пријателство и блискоста се длабоко вкоренети во историјата, од султанот Абдулхамид II преку Ататурк, па се до денес.
Со оглед дека многумина корисници на социјалните мрежи ја познаваат историската динамика на пријателството помеѓу Туркије и Германија, тие не можат едноставно да разберат дека таква содржината заснована на двојни стандарди се употребува против Туркије. Ако се вратиме на самиот наслов, се чини дека прашањето за тоа кого всушност претставува DW Turkce и за кого произведува содржини, веројатно многу повеќе ќе биде разгледувано во наредниот период.
DW Turkce се најде во жижата на јавноста не само поради ваквите пристрасни вести, туку и поради тоа што не ги зема в предвид законските прописи на релевантните институции во Туркије кои ги одредуваат принципите на објавување на вестите. Во тој контекст, правосудните институции на 30 јуни објавија одлука за стопирање на пристапот на DW Turkce. Затоа што Врховниот совет за радио и телевизија (RTUK) во февруари објави дека меѓународните медиумски интернет сајтови кои се емитуваат на турски јазик ќе подлежат на ревизија. RTUK даде 72 часа за поднесување барање за лиценца на интернет страниците Гласот на Америка, Дојче веле на турски (DW Turcke) и Еуроњуз (Euronews) и наведе дека на оние што нема да поднесат барање за лиценца ќе им биде блокиран пристапот.
Пресудата која правосудството ја донесе на 30 јуни е донесена токму затоа што не се придржувале кон ова правило. Нејасно е зошто DW Turkce не ги почитува законските прописи кои ги одредуваат принципите на емитување на вестите во Туркије.