По втор пат во исто толку месеци, либанското движење Хезболах мораше да назначи нов лидер, откако двајцата претходни беа убиени од израелски проектили.
Генералниот секретар Хасан Насрала беше убиен во септември, а исто и неговиот заменик Хашем Сафиедин, неколку дена откако беше прогласен за наследник на Насрала.
Во услови на шпекулации за одржливоста на иднината на Хезболах, назначувањето на Наим Касем за нов генерален секретар се чини дека е повеќе за одржување на стабилноста во организацијата, наместо за промена на нејзината насока.
Но тоа сепак носи значителни импликации за Либан, Иран и регионот.
Стрес тест
Несомнено е дека ударите што Израел ги нанесе во изминатите неколку месеци на Хезболах, кој од октомври минатата година тврди дека се позиционира како поддржувач на палестинскиот отпор, се разорни.
Иако движењето се здоби со популарност кај многу Арапи поради тоа што се спротивстави на израелската агресија, вмешаноста на Хезболах имаше голема цена, особено по целните израелски напади кои ги десеткуваа клучните лидерски фигури во организацијата.
Назначувањето на Касем е одраз на таквите трошоци. Иако тој е добро позната личност во партијата, неговиот „популистички“ имиџ предизвикува загриженост за тоа дали ја има длабочината и сериозноста што се потребни за лидерство во такви бурни времиња.
Изборот на Касем го одразува не само внатрешното прилагодување во Хезболах, туку ја истакнува и несигурната позиција на партијата во услови на ескалација на израелската агресија.
Стратегијата на Хезболах за вклучување во ограничен конфликт со Израел среде војната во Газа брзо се изјалови. И покрај обидите на движењето да се придржува до воспоставените правила на ангажман, Израел го ескалира конфликтот, надминувајќи ги овие правила, за кои Хезболах не се подготвуваше.
Ова доведе до серија атентати насочени кон раководството на Хезболах. Оваа немилосрдна израелска агресија не само што го стави Хезболах во дефанзива, туку претставува и егзистенцијална закана за неговиот опстанок како значајна воена сила поддржана од Иран.
По убиството на лидерот на Хамас, Исмаил Ханије во јули во Техеран во пресрет на инаугурацијата на Масуд Пезешкијан за претседател, Иран првично размислуваше да го одложи својот воен одговор. Сепак, наскоро сфати дека Израел е блиску до поткопување на долгорочната „инвестиција“ на Иран во Хезболах.
Директна интервенција
Така, раководството на Иран се определи за брза и директна интервенција во конфликтот, означувајќи критична пресвртница.
Според извор близок до поразениот претседателски кандидат на изборите во Иран, Саид Џалили, Иран „одлучил без дискусија директно да влезе во арената на конфликтот“ со Израел за да го спаси Хезболах.
Се појавија две основни стратегии: изведување бомбардирања длабоко во израелската територија, од кои првата се случи на почетокот на овој месец, и реструктуирање на командната структура на Хезболах под водство на Иранската револуционерна гарда.
По убиството на нивните водачи во септември, командантот на иранските сили Кудс, Есмаил Каани, отпатува во Либан за да ја надгледува реорганизацијата на Хезболах. Неговата мисија беше јасна: враќање на оперативниот капацитет на партијата да се спротивстави на Израел и капитализирање на моментумот создаден од неодамнешните ирански воени акции.
Каани не се врати во Иран додека раководството на Хезболах не се стабилизира и не се воспостави нов пат по заминувањето на неговите високи лидери. Во рок од три дена, реструктуирањето на Кани ефективно го стави Хезболах повторно под директен надзор на Револуционерната гарда, усогласувајќи ја партијата поблиску со стратешките цели на Иран.
Нов лидер
Назначувањето на Касем носи значителни импликации.
Оваа личност со релативно низок профил во политичкиот пејсаж на Хезболах сега ја води партијата во текот на особено интензивен период на конфликт со Израел. Неговото назначување, кое се карактеризира со иранско влијание, беше внимателно следено и оркестрирано.
Револуционерната гарда избра не-воен лидер за да ја води организацијата, со цел да избегне провоцирање на Израел или поттикнување обид за атентат врз новиот лидер, што може да доведе до дополнителен хаос во партијата.
Согледаните ограничувања на Касем како политички лидер веројатно нема да ја нарушат воспоставената хиерархија на организацијата. Така, неговото поставување служи како дополнително уверување за Револуционерната гарда дека Хезболах ќе остане цврсто под иранска контрола, особено во светлината на зголемената комплексност на регионалниот конфликт.
Ова е важно, бидејќи Хезболах, некогаш симбол на отпорот на либанска почва, сега се соочува со предизвици и одвнатре и надвор од неговите редови.
Неговата опаѓачка популарност, влошена со военото учество во Сирија и поддршката за Башар ал Асад, отуѓи големи сегменти на либанското население и ја намали неговата позиција во арапскиот свет.
Имиџот на партијата, исто така, настрада бидејќи се бори со перцепциите дека е ирански застапник наместо либанска националистичка сила.
На раскрсница
Згора на тоа,вмешаноста на Хезболах во Сирија ќе продолжи да предизвикува критики, комплицирајќи ја неговата способност да менаџира во внатрешната политика. Партијата се наоѓа на крстопат, принудена да избира помеѓу одржувањето на својата верност кон иранските директиви и справувањето со растечкото несогласување кај неговите поддржувачи.
Додека Хезболах се труди да го врати своето влијание, директниот надзор на Револуционерната гарда претставува меч со две острици.
Иако може да ги зајакне воените капацитети на краток рок и да се заштити од нападот на Израел, долгорочните последици од зголеменото иранско зацврстување може да ја нарушат автономијата на Хезболах и да ја намалат неговата привлечност во Либан.
Како заклучок, судбината на Хезболах сега е во голема мера во рацете на Иранската револуционерна гарда. Предизвиците кои претстојат се значајни, при што зголемените тензии веројатно ќе предизвикаат реакција не само кај либанската јавност, туку и кај поширокото арапско население.
Додека партијата се бори со својот идентитет и стратегија во услови на промени и политичкиот пејсаж, Хезболах останува заробеник на последователните загуби на лидерството и опаѓање на популарноста по критиките од арапската јавност, која своевремено го славеше нејзиниот лидер Хасан Насрала за време на војната во 2006 година.
Махмуд Шабан
Махмуд Шабан е египетски политички истражувач и новинар