Трамп наскоро се очекува да ја објави кандидатурата за изборите во 2024 година    Фото: Reuters

Во една од најлошо чуваните тајни во политиката, Доналд Трамп повторно ќе се кандидира за претседател во 2024 година. Не за „да ја направи Америка повторно голема“ или да се искупи себеси за неуспешниот бунт за кој се бара негова одговорност, туку исклучиво како начин на спас на сопствената кожа.

Јавниот обвинител Мерик Гарланд неодамна објави дека Министерството за правда го истражува Трамп како дел од истрагата за упадот на 6 јануари. Ако ги искомбинирате овие случувања со другите правни проблеми со кои се соочува поранешниот претседател, ќе разберете зошто имунитетот што го обезбедува канцеларијата и опцијата повторно да може да назначи свој државен обвинител, звучат многу привлечно.

Не е прашање дали, туку кога

Навистина, Трамп се обидува да ја објави својата кандидатура што е можно поскоро, додека, од стратешки причини, лидерите на Републиканската партија, вклучително и некои од најблиските советници на Трамп, се противат на најавата пред клучните среднорочни избори во ноември.

Повторното преземање на мнозинството во Претставничкиот дом е многу веројатно, а Републиканската партија бара гласачите да се фокусираат на претседателот Џо Бајден и неговото разочарувачко претседателство за победата да им биде гарантирана. Сепак, раната објава на Трамп би го префрлила акцентот од „референдум за Бајден“ на „референдум за Трамп“. Дали Трамп е загрижен за тоа? Најверојатно не. Колку подолго одложува, толку повеќе другите надежни кандидати ќе имаат простор да се профилираат.

Републиканец само по именување

Имајќи го предвид ова непочитување на републиканските цели, членовите на партијата долго време меѓусебно се обвинуваат за нелојалност кон партиските цели или идеали. Но, обвинувањата за партиска непослушност значително се засилија во САД во последните две децении. Термин кој стана особено познат е „РСПИ“, акроним за „Републиканец само по именување“. Доналд Трамп ги обвини дури и најтрадиционалните републиканци, како Лиз Чејни, дека се токму такви.

Идејата дека Трамп се обидува да ја спаси републиканската политика и конзервативните цели отсекогаш била бесмислена.

Но, Трамп никогаш не бил „врзан“ со републиканците, а лојалност кон партијата никогаш не постоела. Неговата претстава во 2015 година, постојано се закануваше со независно кандидирање или неговото кокетирање дека ќе си замине од партијата по поразот на изборите во 2021 година, се доказ А и доказ Б. Всушност, може да се тврди дека Републиканскиот национален комитет (РНК) скапо ја плаќа „лојалноста“ на Трамп. Според извештаите, РНК ги плаќала правните трошоци на Трамп, истовремено промовирајќи го Трамп и неговиот бизнис на нивните платформи на социјалните мрежи.

Сепак, со оглед на тоа што лојалноста на Трамп не е кон републиканците, туку кон неговата склоност кон внимание и себичен интерес, политичката симбиоза меѓу Трамп и РНК ќе биде ставена на тест повеќе од кога било во текот на следниот изборен циклус.

Прелиминарните избори на републиканците

За разлика од 2020 година кога како актуелен претседател не се соочи со предизвикувач од сопствените редови, Трамп сега ќе се соочи со политичките „тешкаши“ како Ники Хејли, Мајк Помпео, Мајк Пенс и пред сè Рон де Сантис, кој би можел да ја направи трката прилично сложена.

Ниту еден од нив нема да може да ја добие номинацијата само ако продолжи да го фали Трамп па затоа се очекува да го сменат начинот на работа и наместо фалби и комплименти за поранешниот претседател да започнат со напади врз неговата личност.

Тука лежи вистинскиот проблем за Трамп. Тој мора да доминира во медиумското покривање и да биде во фокусот на вниманието, исклучително тешка задача при толку силна конкуренција.

Најважно од се е што Трамп повеќе не е „златното момче“ на републиканците, туку Рон ДеСантис Гувернерот на Флорида, кој е најверојатниот кандидат за 2024 година. Тој засега води пред поранешниот претседател на различни анкети, додека пак водечката кабелска мрежа Фокс Њуз веќе му обезбеди поддршка за претстојниот изборен циклус.

Колку што повеќе расте моментумот на де Сантис, толку повеќе ќе се зголемува нетрпението со Трамп. Несомнено ќе следи сценарио во кое Трамп ќе се отцепи од републиканците како резултат на популарноста на де Сантис и ќе прогласи дека ќе се трка како независен, дури и среде кампањата за претстојните среднорочни избори, ако е убеден дека повеќе републиканците не се неговата карта за враќање во Овалната канцеларија.

Рос Перот 2.0?

Додуша, тоа е стратегија која досега никогаш не успеала. Од почетокот на американската политика, повеќето експерти се на ставот дека трета партија или независен кандидат никогаш не може да победат на изборите за претседател.

Најблиску беше Рос Перот, кој се кандидираше во 1992 година и доби 19 отсто од гласовите. Тоа не беше доволно, но веројатно го чинеше актуелниот републикански претседател Џорџ Х. В. Буш, неговиот втор мандат на функцијата.

Но, постојат две значајни разлики помеѓу кандидатурата на Рос Перот и сегашната ситуација: обидот на Перот беше пред ерата на Трамп, кој веќе еднаш победи наспроти сите шанси и стана претседател во 2016 година. Покрај тоа, дури и Перот освои значителен дел од електоратот, составен од многу помалку милиони неопределени гласачи отколку што ги има денес.

Доналд Трамп како независен кандидат за 2024 година сè уште може да се надева на дури 50 милиони гласачи од 74,2 милиони гласачи што претходно ги освои. Неговите следбеници постојано покажуваат дека Трамп не само што „е партијата“, туку е и над неа. Така, промената на неговата припадност тешко дека ќе влијае на неговата популарност, особено не ако Америка продолжи со сегашната надолна траекторија.

Во трка со тројца кандидати, 50 милиони гласови би биле импресивна бројка, можеби и доволна за победа.

Томас О. Фалк

TRT World
Популарни