Туркије планира поголема вклученост и подобра позиција на Арктикот     Фото: AA

Во следните недели, Туркије ќе го заврши процесот на ратификација за да се приклучи на Свалбардскиот договор од 1920 година, кој ќе и овозможи нови можности за истражување и економска активност на Арктикот.

Арктикот ги опфаќа земјената маса и територијалните води на осум земји (САД, Канада, Русија, Исланд, Данска преку Гренланд, Норвешка, Финска и Шведска) кои се дел од три континенти.

Регионот е составен од тешко пристапен и груб терен и ги има најтешките климатски услови на планетата. Тоа е исто така една од најмалку населените области во светот, со ретки номадски заедници и неколку големи градови и населби. Регионите често се многу оддалечени и немаат основна транспортна инфраструктура.

Но, регионот станува место на зголемено значење и меѓусебен натпревар. Областа е богата со минерали, диви животни, риби и други природни ресурси. Според некои проценки, до 13 проценти од неоткриените светски резерви на нафта и речиси една третина од неоткриените светски резерви на природен гас се на Арктикот.

Топењето на дел од мразот на Арктикот во текот на летните месеци значи отворање на нови бродски ленти, зголемен туризам и понатамошно истражување на природните ресурси. Воопшто не е изненадување што во Туркије постои иницијатива за поголема вклученост, а за тоа совршена можност е токму Свалбардскиот договор.

Свалбардскиот договор е именуван по архипелагот Свалбард, кој се наоѓа над Арктичкиот круг во близина на брегот на Норвешка и на околу 500 наутички милји од Северниот Пол. Свалбард има околу 2.000 жители и е дом на најсеверната постојано населена човечка населба во светот.

Како дел од серијата меѓународни договори и спогодби кои следеа по Првата светска војна, на Норвешка и беше доделен суверенитет над островите како дел од Свалбардскиот договор од 1920 година. Сепак, условите на договорот дозволуваат која било од потписниците на договорот да има недискриминаторски пристап до риболовот, ловот и природните ресурси на островите.

Овие потписнички ги вклучуваат големите сили, како Русија, САД, Велика Британија и Кина, како и земји далеку од Арктикот, како Саудиска Арабија, Јужна Африка, па дури и Авганистан. Вкупно, околу 46 земји уживаат еднаков пристап до природните ресурси на Свалбард, а Туркије сака да биде 47-та.

Воената употреба на Свалбард е ограничена во мирнодопски услови поради утврдените начела според договорот од 1920 година, со кој островите се демилитаризирирани. И покрај тоа, ова не ги спречи островите да бидат дел од трката меѓу големите сили во 21 век.

Русија и Кина го искористија договорот од Свалбард за поголем пристап. Русија денеска е присутна на Свалбард со својата населба за ископување јаглен во Баренцбург. Ова зафрлено село е достапно само со брод, хеликоптер или моторни санки и е дом на само стотина луѓе. Интересно, со оглед на оддалеченоста на неговата локација, Баренцбург е домаќин дури и на најсеверниот руски конзулат во светот. Денес, Баренцбург произведува јаглен доволно за да се одржува. За Москва, оваа населба отсекогаш била повеќе за национален престиж, а не за заработка.

Како потписник на Свалбардскиот договор, Кина спроведува научно истражување за Свалбард од 2004 година на својата станица Арктичка Жолта Река лоцирана во Њу Алесунд. Овој научен центар е една од неколкуте научни истражувачки станици на Арктикот со кои управува Кина. Голем дел од научните истражувања на кои Кина се фокусира на Арктикот, како што се поларната атмосферска физика на висока височина и метеоролошката геологија, би можеле да имаат воена примена.

Ниту Туркије не е изоставена од научните истражувања на земјините полови, со тоа што фокусот во последните години беше ставен на Антарктикот. Но, кога станува збор за Арктикот, постојат три главни причини зошто е важно присуството на Анкара. Прво, регионот станува фокусна точка на геополитиката. Разбирливо, како што повеќе земји бараат поголема вклученост во регионот, Туркије не сака да заостанува. Второ, како што се појавуваат економски можности на Арктикот, Туркије ќе сака добра позиција за поголема вклученост. И финално, арктичкиот регион е дом на стотици илјади етнички туркиски жители, како Јакутите и Долганите.

Анкара се фокусира на промоција на заедничко наследство и култура меѓу туркиските држави и народи во последниве години, а не е исклучок ниту арктичкиот регион.

Претседателот Ердоган и другите турски политичари ја препознаа зголемената важност на арктичкиот регион. Во 2015 година, Туркије аплицираше за статус на набљудувач во Арктичкиот совет - главната мултилатерална арктичка организација во светот. Меѓутоа, со распадот на односите меѓу Русија и останатите арктички држави поради упадот во Украина, Арктичкиот совет престана да функционира.

Ова го прави пристапувањето кон Свалбардскиот договор најбрзиот и најдиректниот начин за Туркије да добие пристап на Арктикот.

Глобалниот интерес за Арктикот само ќе се зголемува во годините што доаѓаат. Додека другите нации посветуваат ресурси и средства во регионот за да ги обезбедат своите национални интереси, Туркије не планира да заостане зад другите.

TRT World
Популарни