Пристапот на ЕУ кон Балканот е обновен, како што вели новата еврокомесарка за проширување Марта Кос, но непроменет е менталитетот на оние што треба да се променат / Photo: ТРТ Балкан

„Мојот сон е да ги видиме сите земји од Западниот Балкан во Европската Унија и да ги надминеме историските тензии и граници, како што тоа се случи во многу други делови на Европа“.

Полна со оптимизам, ова го изјави новата еврокомесарка за проширување Марта Кос, пред неколку дена на форумот „Самит ЕУ- Западен Балкан: Обновен пристап кон регионот“.

Но како што сега изгледаат работите, сонот на Кос најверојатно ќе се претвори во кошмар. Пристапот на ЕУ кон Балканот е обновен, но непроменет е менталитетот на оние што треба да се променат.

Иако веќе е излитена фразата дека „не нѐ примаат во ЕУ оти не нѐ сакаат“, проширувањето на Унијата, меѓу другото, е заглавено од тесноградоста на балканските држави, за кои најголема реформа, според народната поговорка, е да се постигне да „му умре козата на соседот“.

Хрватски нон-пејпер за Црна Гора

Додека Кос ги охрабруваше учесниците на форумот дека со отстранувањето на физичките и билатералните бариери, многу од историјските конфликти ќе се решат и ќе се создаде стабилен пат за иднината, Владата во Подгорица доби изнанадувачка честитка од Хрватска.

Загреб пред две недели испратил нон-пејпер до Црна Гора, во кој бара решавање на неколку прашања за кои смета дека се отворени и за кои тврди дека ги нарушуваат меѓусебните односи на две земји, особено по јуни, кога црногорскиот парламент ја усвои Резолуцијата за геноцидот во Јасеновац.

Во документот меѓу другото било наведено дека е потребно да се решат прашањата за сопственоста на школскиот брод за обука „Јадран“, меѓусебното разграничување, процесуирање на воени злосторства, пронаоѓање на исчезнати лица, како и прашањето за името на градскиот базен во Котор.

Хрватска во нон-пејперот, исто така, објави дека го поддржува патот на Подгорица кон Европската унија и оти инсистира на „добрососедски односи“.

Но дали е тоа навистина така не кажа специјалната советничка на хрватскиот министер за надворешни работи, Ванда Бабиќ Галиќ, која за подгорички „Вијести“ рече дека не може ниту да ги потврди ниту да ги демантира дали Загреб испратил нон-пејпер до Подгорица. Без одговор остана и прашањето ако имало нон-пејпер, на што се однесуваат барањата во него и дали од нивното исполнување зависи затворањето на четири поглавја од преговорите на Црна Гора со ЕУ до крајот на годинава.

Вучиќ изненаден од Бугарите

Изненаден остана пред неколку дена и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој реагираше на одлуката на Естонија, Литванија, Летонија, Шведска, Финска, Холандија, Хрватска и Бугарија да не ѝ дозволат на Србија да го отвори третиот кластер од преговорите со Европската Унија.

„Да ме праша Господ што им згрешивме на Бугарите, немаш да знам како да кажам и објаснам, ми се чини дека разбирам кои се вистинските причини, без разлика што никогаш нема да ги слушнете. А за Хрватите сè разбирам, немам голем проблем да разберам“, вели Вучиќ.

Во меѓувреме, македонскиот премиер Христијан Мицкоски се сретна со Кос и ѝ го повтори ставот дека Владата останува фокусирана на реформите, подготвена да разговара за сѐ што е принципиелно за државата и граѓаните, но ултиматуми од Бугарија не прифаќа.

Мицкоски по стапување на премиерската функција најави дека ќе чека да се формира Влада во Бугарија за да разговараат околу условот Бугарите да бидат впишани во македонскиот Устав, за да нѐ ни го блокираат приемот во ЕУ.

Но Мицкоски и да сака да разговара со Софија, не може, оти Бугарија во октомври по седум вонредни избори во изминативе три години повторно не може да формира Влада.

Некој дури би рекол дека Бугарите намерно не сакаат да формираат Влада само за да не се договорат со Македонија, оти они се веќе во ЕУ.

Да, и Бугарија и Хрватска се во ЕУ, но тоа не треба да значи дека треба да заборават дека и тие се на Балканот, географски, ако не политички. Во спротивно, не само Западен Балкан, туку и сите околу ќе останат „заглавени“ во место.

Игор Шегавиќ

TRT Balkan
Популарни