Руската офанзива врз Украина во февруари 2022 година постави нова геополитичка реалност во регионот на Црното Море. Со заземањето на украинскиот град Мариупол во мај, Москва го претвори Азовското Море во руско езеро.
И покрај поразителните шанси, Украина и нанесе значајни удари на руската морнарица – како што е потонувањето на водечкиот ракетен крстосувач на Црноморската флота „Москва“.
Според јавно достапните известувања, Украина уништила најмалку осум руски бродови и оштетила уште четири. Беспилотниот поморски напад на Украина во октомври врз руски воени бродови со седиште во анектираниот од Москва Крим беше прв од ваков вид во историјата.
Без оглед на тоа како ќе се одвива копнената војна, руската морнарица ќе остане кастрирана во Црното Море во догледна иднина. Украина, со право, има потенцијал да стане значајна црноморска сила сама по себе.
Од чадот и прашината на војната, Туркије излезе како главен глобален играч, нагласувајќи ја важноста на Анкара во обезбедување на регионалниот мир.
Затворањето на турскиот теснец од страна на Анкара за странски воени бродови, кои се завојувани страни на пат кон конфликтните зони, користејќи ги овластувањата дадени со Конвенцијата од Монтре од 1936 година, служеше како потсетник за важноста на Анкара за регионот.
Туркије стана доминантна поморска сила во своите северни води. Ова е нова реалност во регионот.
За креаторите на политиката на НАТО, офанзивата на Русија против Украина е потсетник за важноста на Туркије во регионот на Црното Море од три причини. На пример, НАТО има корист од тоа што една од нејзините членки има суверена контрола над турските теснец - што директно влијаеше на руската кампања против Украина.
Освен тоа, Русија е спречена да ја зголеми својата Црноморска флота со бродови од нејзината Пацифичка, Балтичка или Северна флота бидејќи ниту еден од бродовите не може легално да влезе во Црното Море.
Затворањето на теснецот од страна на Туркије за руски бродови, исто така, создаде проблеми за таканаречениот „Сириски експрес“ (Syrian Express) кој постојано беше на релација меѓу анектираниот Крим и Сирија за да ги поддржи воените операции на Москва таму.
Во НАТО има и такви кои не ја разбираат динамиката на Монтре и повикуваат на повторно преговарање за договорот. Не само што ова е кратковидо и речиси невозможно - повторното преговарање за договорот би било спротивно на интересите на НАТО во регионот на Црното Море.
Освен тоа, постојат планови Бајкар, приватна турска компанија која ги произведува познатите дронови ТБ2, да отвори фабрика во Украина. Некои турски беспилотни летала исто така користат мотори произведени во Украина.
Конечно, постои растечки украинско-турски однос и во поморскиот простор. На приемр, Киев и Анкара копродуцираат турски корвети од класата МИЛГЕМ.
Туркије беше прва - и до сега единствена земја - која ги собри украинските и руските министри за надворешни работи на иста маса од почетокот на војната.
Вреди да се забележи и улогата на Туркије во размената на затвореници меѓу Украина и Русија - особено ослободувањето и условното ослободување на оние кои ја водеа херојската одбрана на Мариупол. Најважното дипломатско достигнување беше Црноморскиот договор за жито со посредство на Анкара, кој беше договорен минатиот октомври.
Овој договор одигра значајна улога во спречувањето на масовниот глад на глобалниот југ. Ниту една друга земја освен Туркије веројатно не би можела да ги направи овие дипломатски подвизи.
Известувањето подготвено за Маргарет Тачер за време на нејзината прва недела како премиер во 1979 година ја објасни важноста на Туркије за НАТО. Што се однесува до Црното Море, во документот подготвен за неа се вели:
Доколку Туркије би ја напуштила својата западна ориентација, би следувале неколку многу неповолни воени последици за Западот, дури и доколку не би се придружила на Советскиот Сојуз. НАТО би ја загубил контролата која Туркије ја имала над Босфорот и Дарданелите (Истанбулскиот и Чанаккале теснец), што на советската Црноморска флота ѝ ја даде единствената излезна точка на Медитеранот.
Некои работи никогаш не се менуваат. Улогата на Туркије во НАТО е незаменлива. Она што беше вистина во 1979 година, останува вистина и денес.
Со векови, Русија и Туркије напредуваа благодарение на конкуренцијата и конфликтите во регионите на Црното Море и Јужен Кавказ. Во моментов, историјата ја фаворизира улогата на Туркије во регионот.
Турските сојузници во НАТО би биле несериозни доколку не ја прифатат новата геополитичка реалност во Црното Море и клучната улога што Туркије ќе ја игра во иднина.
Автор: Лук Кофи
Лук Кофи е виш соработник во Хадсон институтот, тинк-тенк со седиште во Вашингтон.
Напомена: Мислењата изразени во овој напис му припаѓаат на авторот и не ја одразуваат нужно уредувачката политика на ТРТ Балкан.