Ќе бидат потребни децении, ако не и векови, за овие состојби да се возобноват  / Фото: AA

Морскиот мраз кој го опкружува Антарктикот оваа година падна на рекордно ниско ниво поради високите температури и не постои брзо решение со кои ќе се поништат направените штети, објавија научниците во нова студија за влијанието на климатските промени врз континентот.

Минималната ледена прекривка на континентот минатата година падна под 2 милиони квадратни метри, за првпат од почетоците на сателитското мерење во 1978 година, а овој февруари се спушти на уште пониски граници, покажува студијата објавена во списанието „Frontiers in Environmental Science“.

„Ќе бидат потребни децении, ако не и векови, за овие состојби да се возобноват. Не постои брзо решение за замена на овој мраз. Тоа сигурно ќе трае предолго, ако воопшто е возможно“, вели Ана Хог, професорка на Универзитетот во Лидс и ко-авторка на студијата.

„Овогодишното минимално ниво на морскиот мраз е за 20% пониско од просечните нивоа во последните 40 години, што е еднакво на загуба на морски мраз речиси 10 пати повеќе од површината на Нов Зеланд“, посочува Тим Најш директор на Истражувачкиот центар за Антарктикот на Универзитетот Викторија во Велингтон.

„Во некои случаи, се приближуваме до точката од која нема враќање, која штом еднаш ќе се помине, ќе доведе до неповратни промени со незапирливи последици за идните генерации“, предупреди Најш.

Глобалното затоплување поттикнато од согорувањето на фосилните горива го направи Антарктикот поранлив на екстремни временски настани и тоа влијание е „речиси сигурно“ дека ќе се влоши, се вели во студијата.

Климатските промени „ќе доведат до зголемување на големината и фреквенцијата“ на топлотните бранови, колапс на ледената покривка и намалување на морскиот мраз, се проценува во студијата врз основа на неодамнешните докази од научните студии за океанот на Антарктикот, атмосферата, криосферата и биосферата.

Точното влијание на климатските промени врз Антарктикот и околниот океан е неизвесно, а научниците имаа проблем да измерат колку глобалното затоплување влијае на дебелината на мразот на Антарктикот.

Но, од феномени како забрзаното намалување на морскиот мраз, „научно разумно“ е да се претпостави дека екстремните настани ќе се интензивираат со зголемувањето на температурите, рече Мартин Зигерт, глациолог од Универзитетот во Ексетер, ко-автор на студијата.

Минатата година „атмосферска река“ од Австралија донесе суптропска топлина и влага на континентот, предизвикувајќи температури и до 38,5 степени Целзиусови над вообичаено, што е најголемото пречекорување досега.

AA
Популарни