Климатските промени влијаат врз менталното здравје на повеќе начини. Тие водат до почести и поинтензивни екстремни временски настани како што се невреме и поплави. Овие типови на екстремни временски настани може да ги изложат луѓето на потенцијално трауматски настани, како што се сведоштва на смрт или повреди.
Како резултат на тоа, дел од луѓето може да развијат проблеми со менталното здравје како што се посттрауматско стресно растројство, депресија или создавање зависност од супстанци.
Влијанијата на климатските промени врз физичкото здравје се многукратни. На пример, повисоките температури и нивото на влажност може да доведат до зголемување на заразните болести како што се денга треската, маларија и зика вирусот.
Заразните болести можат да го влошат менталното здравје и како директен резултат на хоспитализација или физички последици од тешка инфекција, како и индиректно поради стигмата поврзана со одредени заразни болести.
Се покажа дека повисоките просечни температури ширум светот и изложеноста на топлотни бранови доведуваат до повисоки нивоа на итни психијатриски посети, влошени симптоми кај луѓето кои живеат со проблеми со менталното здравје и зголемен број на самоубиства.
Сè уште не знаеме точно зошто ги гледаме овие ефекти врз менталното здравје, но тоа може да има врска со негативното влијание што топлината може да го има врз расположението и спиењето, како и со тоа што луѓето кои земаат одредени психотропни лекови се поранливи на високи температури.
Дополнително, климатските промени ги влошуваат познатите општествени влијанија на менталното здравје, како што се недостигот на еднаковст и сигурност на храната. На пример, кај земјоделците ризикот по менталното здравје доаѓа од можните суши кои ќе влијаат на приносите од земјоделските култури и стравот од осиромашување.
На поединечно ниво, луѓето имаат различен степен на разбирање за тоа што се климатските промени и како тоа може да влијае на нивното здравје. Луѓето може да ги искусат последиците по менталното здравје од одредени настани како што се поплави или топлотни бранови, но не значи и дека ќе ги поврзат со климатските промени. Ова е разбирливо со оглед на тоа што е сложено поединечни настани да се припишат на климатските промени.
Најранливите заедници
Иако климатските промени се глобален феномен, тие не влијаат на сите подеднакво ширум светот. Многу заедници во земјите со низок и среден приход се повеќе ранливи на климатските опасности и помалку подготвени да се прилагодат на нив, и покрај тоа што историски се најмалку одговорни за загадувањето што ги поттикна климатските промени.
Ова е случај и со последиците по менталното здравје од климатските промени. Климатските промени ќе предизвикаат дополнително оптоварување на системите за ментално здравје во овие змеји, кои веќе имаат проблем да се справат со моменталните предизвици.
И други групи веројатно ќе бидат особено ранливи на влијанијата врз менталното здравје на климатските промени, вклучувајќи ги младите луѓе, популациите кои се особено зависни или поврзани со природниот свет, како што се домородните заедници, и луѓето чија работа ги става на поголем ризик да бидат изложени на климатските опасности, како што се работниците на отворено и земјоделците.
Различни видови на климатска изложеност
Секој тип на климатска изложеност ќе влијае на менталното здравје на луѓето на различни начини, во зависност од многу фактори.
Прво, различни типови на климатска изложеност веројатно ќе влијаат на менталното здравје на различни начини. На пример, акутните настани како што се екстремните временски настани имаат поголема веројатност директно да влијаат на менталното здравје преку зголемување на изложеноста на трауматски настани.
Спротивно на тоа, повеќе хронични настани, како што се сушите, имаат поголема веројатност да влијаат на менталното здравје индиректно со влошување на социјалните детерминанти на менталното здравје, како што е сиромаштијата.
Второ, различни индивидуи имаат различни способности да се справат со новите стрес фактори, а тоа е резултат на сложени интеракции помеѓу многу биолошки, психолошки и социјални фактори.
На пример, луѓето со веќе постоечки сериозни проблеми со менталното здравје, како што е психозата, може да бидат особено погодени од екстремни временски настани или други климатски опасности.
И секако, климатските настани ќе имаат различни влијанија врз менталното здравје во зависност од контекстот во кој се случуваат. На пример, топлотниот бран ќе има различни влијанија врз луѓето кои живеат со анксиозност или депресија во зависност од тоа дали живеат во климатизиран стан наспроти неизолирана куќа во сиромаша населба.
Решенија
Првото решение за спречување на негативните влијанија на климатските промени врз менталното здравје е да се ублажат климатските промени со намалување на количината на стакленички гасови во нашата атмосфера.
Во моментов, нашата главна достапна стратегија за да го направиме тоа е значително да го намалиме согорувањето на фосилните горива. Различни активности за ублажување може да имаат повеќекратни придобивки за здравјето, вклучувајќи го и менталното здравје.
На пример, префрлањето на поактивен начин на транспорт каде што е можно може да има придобивки за менталното здравје, со оглед на позитивната врска со физичката активност.
Сепак, дури и да ги спроведеме сите потребни промени за да ги ублажиме климатските промени, сепак ќе треба да се прилагодиме на последиците што веќе ги предизвикуваат климатските промени.
Постојат различни интервенции засновани на докази кои можат ефикасно да се справат со многу проблеми со менталното здравје. Тие опфаќаат биолошки, психолошки, социјални и дигитални интервенции.
Сепак, потребни ни се повеќе истражувања за да се тестира колку овие интервенции се соодветни и ефикасни кога се спроведуваат во контекст на климатските промени. На пример, можеби ќе треба да почнеме да размислуваме за психотропни лекови кои имаат помалку суштински влијанија врз телесната терморегулација или за психолошки интервенции кои би можеле во голем размер да се применат во подрачја погодени од природни катастрофи.
Како заклучок, климатските промени веќе влијаат на менталното здравје на многу фронтови, од екстремни временски настани до зголемување на температурите. Овие влијанија не се подеднакво распределени, но влијаат врз оние кои историски најмногу биле маргинализирани.
Климатските промени различно ќе влијаат на менталното здравје во зависност од биолошките, психолошките и социјалните карактеристики на различни поединци, како и од контекстот во кој живеат.
За да ги спречиме овие негативни влијанија, итно треба да ги ублажиме климатските промени сега, како и да воспоставиме соодветни мерки за адаптација за да го заштитиме менталното здравје во климата која веќе се менува.
д-р Алесандро Масаза
Авторот е почесен научен соработник во Центарот за глобално ментално здравје на Лондонската школа за хигиена и тропска медицина во Лондон, Велика Британија.
Мислењата изразени во оваа статија се лични на авторот и не мора да ја одразуваат уредувачката политика на медиумот