Езерото е старо меѓу една и пет милиони години/ Фото: AFP

Со милениуми Преспанското Езеро било недопрено. Но, под притисок на климатските промени, неконтролираното испумпување вода и загадувањето, праисториското езеро се намалува со алармантна брзина.

Се верува дека Преспанското Езеро, кое се протега на тромеѓето меѓу Северна Македонија, Албанија и Грција, е дом на илјадници видови на кои им е неопходна водата и условите во околните природни живеалишта.

Зголемувањето на температурите предизвика големи штети во годишните износи на снежни врнежи, сушејќи ги виталните извори кои го хранат Преспанското Езеро, а со тоа се доведени во ризик и видовите во езерото и неговата околина.

Падот на врнежите доведе до постојано повлекување на водата, која на некои места според чуварите на парковите кои внимателно го следат езерото, е повлечена и до три километри.

„Претходно имаше многу повеќе снег кој достигнуваше еден метар или метар и половина, додека во последниве години снежните врнежи речиси и да не постоеја“, вели Горан Стојановски, 38-годишен ренџер кој има поминато повеќе од една деценија следејќи го езерото од македонската страна.

Останатите експерти се согласуваат дека последиците од климатските промени на повеќе начини водат кон постојаното намалување на водостојот.

„Промените забележани во нивоата на езерото се поврзани со климатските промени“, вели Спасе Шумка, професор на Земјоделскиот универзитет во Тирана.

Шумка ги посочува повисоките температури како причина за зголемување на испарувањето и намалување на износот на годишните врнежи.

„Според самата местоположба, единственото решение лежи во заедничка акција“, додава професорот.

За проблемите на Преспа да бидат поголеми, околните насади со јаболка во голема мера се потпираат на водата од езерото. Една студија цитира од извештај НАСА дека езерото изгубило седум отсто од својата површина и половина од својот волумен помеѓу 1984 и 2020 година.

На одредени места брегот е повлечен и до три километри / Фото: AFP AFP

Загадување

Загадувањето кое доаѓа од отпадоците од земјоделството, од навидум бескрајните овошни насади во непосредна близина, води кон создавање цветови од алги за кои постојат стравови дека креираат мртви зони, е само дел од проблемите на кои им нема крај.

„Езерото интензивно се загадува со децении“, вели биологот Златко Левков од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

„Едноставно кажано, живеалиштето на многу видови може целосно да се промени и единките од тие видови може да се намалат или потенцијално целосно да исчезнат“, додава Левков.

Според експертите, езерото во преспанската долина е присутно меѓу една и пет милиони години, што го сместува меѓу најстарите слатководни еколошки системи во Европа.

Приближно 2.000 видови риби, птици и цицачи, како и многу богата флора зависат од преспанските води за да опстојат.

Понатамошната деградација може да биде катастрофална за локалниот екосистем, но и за соседното Охридско Езеро кое се наоѓа на 10 километри западно.

Охридското Езеро, за да го одржи своето ниво, се потпира на подземните водни текови на Преспанското Езеро кое поради местоположбата е на повисоко место.

Секој дополнителен стрес кој се натрупува во Преспа, веројатно ќе се почувствува низводно во Охридското Езеро, кое беше под ризик да го изгуби местото на листата на природно светско наследство на УНЕСКО, пред само две години поради прекумерното загадување и неконтролираниот урбанизам.

Според извештајот на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), околу 65 тони пестициди годишно се користат во регионот, при што големи количини на хемикалии стигнуваат директно во Преспанското Езеро.

Пестицидите и вештачките ѓубрива во голема мера се користат во јаболковите насади кои се познати во регионот, а сочинуваат околу 70% од економската активност на македонската страна на Преспа.

„Фрлањето биоразградлив отпад и прекумерната употреба на ѓубрива и пестициди го поттикнаа брзиот раст на биомасата во езерото, вклучувајќи ги алгите и инвазивната трева, што ги загрозува ендемичните видови“, соопшти УНДП.

Проблеми кои се зголемуваат

Во последниве години беа покренати огромен број иницијативи за подобро управување со последиците од земјоделскиот сектор.

Еден проект предвидува изградба на осум метеоролошки станици кои собираат податоци кои им даваат на земјоделците подобри информации за тоа кога да прскаат со пестициди, што резултира со намалување на нивната употреба за 30%.

„Со намалувањето на бројот на прскања, добиваме поголем економски бенефит и ја подобруваме заштитата на животната средина“, изјави Фросина Ѓорѓиевска сопственичка на јаболкови насади од Ресен.

Но, во регион каде што економските тешкотии, застарената инфраструктура и падот на наталитетот остануваат најприоритетни прашања, загриженоста за животната средина честопати се занемарува и е меѓу последните владини приоритети.

Сепак, повеќето експерти сметаат дека треба да се преземе нешто повеќе за да се заштити иднината на езерото, вклучително и подобро спроведување на повеќе договори потпишани од Северна Македонија, Албанија и Грција во 2012 година.

Активистите повикаа на премин кон органско земјоделство заедно со инвестиции во одржлив туризам за да се помогне во подобрување на јавната свест за проблемите.

„Сакаме да ја задржиме автентичноста на Преспа, нејзината убавина, а сепак да можеме да уживаме во неа“, вели еколошкиот активист Марија Ефтимовска.

AFP
Популарни