Речиси една третина од животинските и растителните видови би можеле да исчезнат до 2100 година во зависност од различни сценарија за емисија на јаглерод на планетата Земја.
Климатските промени и уништувањето на живеалиштата ќе предизвикаат истребување на видови животни и растенија кои ќе каскадираат низ животинските и растителните заедници и ќе предизвикаат драматично губење на биолошката разновидност, предупредуваат научниците.
Со научно истражување објавено во списанието Сајнс Адванцес (Science Advances) се дошло до сознанија дека верижните истребувањата се неизбежни и дека екосистемите ќе доживеат просечна загуба на биолошката разновидност, меѓу шест и десет проценти до 2050 година во зависност од различни сценарија за емисија на јаглерод. До 2100 година, загубата на животни и растенија би можела да порасне до дури 27 отсто.
Најава за шесто масовно истребување
Научниците кои беа дел од истражувањето објавија дека најголемите промени ќе се случат пред средината на векот, предвидувајќи дека „најтешкиот период за природните заедници претстои и дека следните неколку децении ќе бидат одлучувачки за иднината на глобалниот биодиверзитет“.
Имајќи предвид дека животот на Земјата е загрозен од уништување на природата од човечки активности, прекумерна експлоатација на природните ресурси и загадување во научните истражувања се предупредува дека на еден милион видови им се заканува исчезнување. Ова според многумина е најава за шестото масовно истребување на планетата.
Се верува дека климатските промени драматично ги забрзуваат овие загуби поради екстремните временски услови, промените во однесувањето и живеалиштата.
Но, авторите на новото истражување сметаат дека претходните истражувања не вклучувале проценки за поврзани истребувања на меѓузависни видови поради „каскаден ефект“.
Најголема закана во местата со најголем биодиверзитет
Виртуелните светови кои научниците ги создадоа им дозволија на научниците да следат како видовите се движат и се прилагодуваат на новите услови на животната средина и импликациите за исчезнувањето на одделни видови. Тие утврдија дека климатските промени ќе бидат одговорни за најголем процент на истребувања.
„Ако погледнете низ прозорецот за 87 години, ќе видите во просек речиси 30 отсто помалку животински видови отколку денес, ако сè е вообичаено“, изјави еден од авторите на истражувањето, Кори Бредшо професор од Универзитетот Флиндерс.
Истражувањето покажа дека најголема закана постои во местата со најголем биодиверзитет - 36 високо ранливи области со најуникатни видови.
„Тоа е затоа што ерозијата на прехранбените мрежи богати со видови ги прави биолошките заедници ранливи на идни шокови“, рече Бредшо.
Истражувањето е објавено во време кога на самитот на ОН во Монтреал треба да се склучи историски „мировен договор со природата“ и да стави крај на неконтролираното уништување.
Напорите за ограничување на глобалното затоплување честопати застануваат на последното место на запирање на уништувањето на природата, но експертите сè почесто предупредуваат дека двете кризи се нераскинливо поврзани.
„Загубата на биолошката разновидност поради климатските промени на многу начини е многу посериозна од она што климатските промени ќе го направат на човечките општества бидејќи биолошката разновидност е основата на системот за поддршка на животот на Земјата што го прави нашиот живот возможен“, смета Бредшо. Според него политиките за намалување на емисиите на стакленичките гасови се итно потребни.