Топлотните бранови ќе ги загрозат здравјето на луѓето и егзистенцијата и последиците ќе бидат се посилни, предупредуваат од Обединетите Нации.
Светот треба да се подготви за серија на вакви ектремни временски настани кои ќе се засилуваат и ќе стануваат се попасни. На многу места се бележат рекорди на термометрите, со температури кои го надминувааат 40-от степен на Целзиусовата скала.
„Овие настани ќе продолжат да растат во интензитет и светот треба да се подготви за поинтензивни топлотни бранови. Неодамна прогласениот Ел Нињо се очекува само да ги засили зачестеноста и интензитетот на екстремните топлотни настани. Не очекува тежок период и се плашам дека ќе има сериозни последици“, посочи Џон Наирн, Советник за екстремна жештина на ОН.
Високите температури се закана за луѓето низ Европа и светот и се очекува само да се влошуваат во наредните години. Со досегашното темпо најверојатно 2023 година ќе биде најтопла во историјата, откако се вршат метеоролошки мерења на температурите.
Се проценува дека 60.000 луѓе починале минатата година во Европа како последица на екстремните жештини, а таа бројка годинава може и да се зголеми со оглед на интензитетот на топлотните бранови.
Неверојатно топлите ноќи ги зголемуваат и последиците врз здравјето и може да бидат опасни по живот.
„Постојаните високи ноќни температури се особено опасни за здравјето на луѓето бидејќи телото не може да се опорави од постојаната топлина. Ова доведува до зголемени случаи на срцев удар и смрт. И не се единствените болести што ги гледаме, туку тие се најзначајните. Додека најголем дел од вниманието се фокусира на дневните максимални температури, температурата во текот на ноќта е таа што ќе има најголем ризик по здравјето“, вели Наирн.
Ова е само почеток
Екстремно жешко време го погоди Медитеранот, особено земјите кои влегоа во летната туристичка сезона како Грција, Хрватска, Шпанија и Италија. Останатиот дел од Балканот исто така се соочува со силни жештини и високи температури.
Тоа предизвика повеќе држави да упатат предупредувања за внимателност при патувањето на туристите и планирање на посетите на туристичките места во портокаловите и црвените зони.
Рекордни температури се бележат низ Азија, северот и средниот дел на Америка, Африка и Средниот Исток.
Од една страна, топлотниот притисок е предизвикан од долгогодишното загадување од горење на фосилни горива како нафта, јаглен и гас, што ја влошува климатската криза.
Од друга страна годинава засилен е и природниот феномен „Ел Нињо“ кој ги подгрева температурите и го засилува интензитетот на екстремната топлина со придвижување на топлина од Тихиот океан што ги менува временските шаблони низ планетата и го зголемува притисокот за бури.
Од ОН и СЗО предупредија дека времето за преземање мерки истекува и дека мора веднаш да се делува за намалување на човечкото влијание врз влошување на климатската криза.