Бугарското Собрание го одобри францускиот предлог за Северна Македонија     Фото: АА

Бугарското Собрание ја одобри нацрт-резолуцијата за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија, со цел отворање на патот за интеграција на Северна Македонија во Европската унија (ЕУ). Народното Собрание на Бугарија го одобри предлогот на француското претседателство за Северна Македонија. „За“ гласаа 170 пратеници, 37 беа „против“, а 21 воздржани.

Усвоениот документ што го предложи лидерот на „Демократска Бугарија“ Христо Иванов, и дава зелено светло на Владата во оставка на Кирил Петков да ги одобри преговарачка рамка и заклучоците предложени од француското претседателство со Советот на ЕУ за решавање на сложените односи меѓу Бугарија и Северна Македонија, ако се исполнети неколку услови.

Бугарија бара ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство, гаранција за правата на Бугарите во Република Северна Македонија преку нивното вметнување во Уставот, ништо во пристапниот процес да не биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик.

По Самитот ЕУ-Западен Балкан вчера премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски рече дека францускиот предлог во ваква форма е неприфатлив за него, за претседателот на државата, за коалициските партнери и за граѓаните на Република Северна Македонија.

Според Ковачевски, клучните услови кои треба да бидат усвоени за предлогот да биде прифатлив за Северна Македонија се чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет. Историските прашања, не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка, истакна тој.

Османи: Клучни се три прашања

По одобрувањето на францускиот предлог во Собранието на Бугарија, надграден со уште четири барања од Софија кон Скопје како услов за влез во ЕУ, шефот на македонската дипломатија Бујар Османи и неговиот колега вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ на прес-конференција го изнесоа својот став.

„Три прашања се клучни дали Северна Македонија ќе каже „да“ или „не“ за францускиот предлог. Јазикот, историските прашања како главен критериум за напредување на преговорите и динамиката на уставните измени се клучни за тоа каква одлука ќе донесе земјата“, вели Османи.

Според Османи, францускиот предлог не е конечен, а надлежните молчеле за процесот досега за да не влијаат на случувањата во Бугарија.

Противници има и во Бугарија

Инаку во Бугарија, одлуката ја поддржаа пратениците од „Промената продолжува“, ГЕРБ-СДС, ДПС и „Демократска Бугарија“ (ДБ). „Има таков народ“ (ИТН) и „Преродба“ се против, а од „БСП за Бугарија“ воздржани.

Претседателот на Демократска Бугарија Христо Иванов, чиј предлог денеска беше одобрен од Народното собрание, рече дека најсилниот притисок не бил врз Северна Македонија, туку врз процесот на интеграција. Тој рече дека ветото сега ќе биде од цела ЕУ.

„ Ако не ги исполни условите од преговорите и не го смени својот Устав, Република Северна Македонија нема да започне преговори за интеграција во ЕУ“, рече тој.

Тој ја критикуваше ГЕРБ и ги праша дали е толку важно да се гласа за недоверба на Владата оваа недела кога се одржаа двата состанока ЕУ-Западен Балкан и Советот на ЕУ.

Тошко Јорданов од партијата на Слави Трифонов се изјасни против одлуката и денешниот ден го оцени како срам за Бугарија и ги нарече предавници кои го поддржаа.

Ветото на Бугарија пречка за преговорите на Северна Македонија

Ветото на Бугарија долго време ги блокира преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ.

Северна Македонија е кандидат за членство во ЕУ веќе 17 години и доби зелено светло во 2020 година за почеток на пристапните преговори, иако не е одреден точен датум за почеток на преговорите.

TRT Balkan / агенции
Популарни