Францускиот предлог за ветото ја зовре политичката сцена во Бугарија     Фото: ТРТ Балкан

Турканици во Парламентот, протести, обвинувања, партиски прегрупирања, најави за малцинска Влада или пад на кабинетот на Кирил Петков и избори. Ваков амбиент во Бугарија донесе најавата за француски предлог за кревање на бугарското вето за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.

Неизвесен е расплетот на политичката ситуација и насоката во која ќе се движи државата во следниот период. Веројатно повеќе работи ќе бидат познати по собраниската седница во вторник на која треба да се гласа за доверба на Владата. Од тоа ќе зависи и темпото на македонската евроинтеграција.

Ќор сокак наместо преговори?

Додека Северна Македонија, како и Бугарија и останатите членки на ЕУ се во очекување на францускиот предлог за тргање на бугарското вето од Брисел стигна информација дека преговарачката рамка уште не е тема на дискусија. Тоа според еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, не го дозволува политичката ситуација во Бугарија.

„Она за што сум свесен е дека сме потполно во ќор сокак во однос на Софија. Тоа не ме прави посебно среќен бидејќи секој друг четврток го поминував во Бугарија. Внатрешната политика изгледа е способна да ја поткопа довербата во ЕУ. Во оваа фаза мислам дека не можеме да збориме за било каква преговарачка рамка”, рече Вархеји во Брисел.

Првичните најави беа дека откако ќе го добие предлогот бугарскиот премиер Петков ќе го достави до собраниската комисија за надворешна политика. Опозицијата го обвини дека така го избегнува министерството за надворешни работи.

Во Северна Македонија пак се очекува официјално да биде претставен предлогот па потоа да се заземе став.

Протести по смената на Минчев

Во меѓувреме тензиите меѓу спротивставените блокови во Бугарија не спласнуваат. Тие кулминираа откако пратениците во Собранието изгласаа смена на доскорешниот претседател на парламентот Никола Минчев.

Случувањата во парламентот ја диктираше неформалната коалиција на „Има таков народ”, „ГЕРБ”, „ ДПС” и „Преродба”. 125 пратеници од овие партии гласаа за смена на Минчев наспроти 113 пратеници кои беа против. Ваквиот резултат е наспроти очекувањата за стабилно мнозинство откако осуммина пратеници од „Има таков народ” сепак одлучија да ја поддржат владата.

Тоа беше причина за протести пред зградата на Собранието на приврзаниците на владејачката „Продолжуваме со промената”. Тие сметаат дека власта во Бугарија треба да има можност непречено да владее и да се бори против корупцијата.

Присутните на протестот порачаа дека гласањето смена на Минчев било само генерална проба пред седницата за доверба на Владата. Тие извикуваа „мафијата надвор” и го блокираа булеварот пред Собранието. Им се обрати премиерот Кирил Петков.

„Сега ќе има гласање за недоверба. И тоа гласање нема да ве разочара. Затоа што ова гласање е еден од чекорите низ кои ќе поминеме. Успеавме да победиме, но истите тие луѓе не ставија зад сцената. Тоа ќе биде отсечено”, рече Петков.

Тензично и во Парламентот

Ниту во собраниската сала не беше мирно. Напротив малку недостасуваше тензиите да предизвикаат физичка пресметка меѓу пратениците. Говорот на пратеникот Костадин Костадинов од „Преродба” беше причина за жестоки реакции. Тој од собраниската говорница рече дека се случил бугарски Мајдан. На оваа реагираа пратениците од Движењето за права и слободи и настана турканица во Собранието.

Македонското прашање

Превирањата започнаа откако министрите од партијата на Слави Трифонов одлучија да поднесат оставки и да ја напуштат владата. Како причина ги наведоа нивните информации за наводното „предавство” околу македонското прашање кое го подготвувал Петков.

Односно тие тврдеа дека бугарскиот премиер пред европски претставници ветил дека ќе направи отстапки за македонскиот јазик и дека ќе го симне ветото за Северна Македонија за почеток на преговори со Европската Унија.

И претседателот на Бугарија Румен Радев му порача на Петков дека Европскиот самит закажан за 23 и 24 јуни мора да го брани националниот интерес.




TRT Balkan
Популарни