Вкупно 6.935 болни и изнемоштени, затвореници во Казнено-поправните домови и лица во притвор, во старски домови и македонски државјани во странство, денеска можат да гласаат на претседателските избори во Северна Македонија. Овие категории граѓани, го остваруваат нивното гласачко право ден пред седмите избори за претседател на државата кои ќе се одржат утре.
Од Државната изборна комисија информираат дека гласањето на овие лица е почнато навреме и тече без проблеми.
Гласањето за претседател почна со 191 член на избирачките одбори во саботата кои отпатуваа да го спроведат гласањето во дијаспората. Во дипломатските претставништва и конзуларни канцеларии денеска од 7 до 19 часот по локално време, врз основа на прифатените 2.571 пријави на македонски државјани, гласање треба да се спроведе во Абу Даби каде се пријавени 26 наши државјани за гласање, во Белград-31, Берлин-260, Берн – 186, Бон – 164, Брисел -93, Вашингтон-34, Венеција – 79, Виена – 123, Детроит-34, Загреб-87, Канбера-31, Копехаген-74, Лондон-87, Љубљана-332, Минхен-166, Мелбурн-64, Њујорк-85, Осло-41, Париз-44, Прага-52, Рим-30, Стокхолм-85, Торонто-117, Хаг-65, Чикаго-88, Анкара-18, Варшава-23, Мадрид-18, Пекинг-12 и Софија 22.
Другите македонски граѓани кои живеат во странство, своето право на глас можат да го остварат во избирачките места во земјата, согласно адресата во личните документи.
Резултатите од денешното гласање ќе се знаат утре, заедно со резултатите од гласањето во земјата.