Претседателскиот кандидат на владејачката СДСМ и коалицијата вечерава на прес – конференција по првиот круг од претседателските избори рече дека резултатите не се такви какви што тие очекувале да бидат.
“Разликата ќе биде околу 130.000. Очекувавме помалку, но утре е нов ден, од утре повторно почнуваме со средби со граѓани кои ги пратикувавме и досега и почнуваме практичнo од нула, истакна Пендаровски.
Тој изјави дека ќе продолжи да го промовира концептот во кој длабоко верува, а тоа е како што рече интегрирана држава без поделби.
“Тој концепт на држава која не е изолирана, држава која е интегрирана во Европа и држава која внатре нема поделби по која било основа. Моето животно кредо, мојата политичка филозофија која ја застапувам не само овие 20 дена во кампањата и не само овие пет години во претседателскиот мандат, откога паметам за себе, значи од моите први јавни појавувања пред повеќе од две и пол децении во македонската јавност”, рече Пендаровски.
Тој ги охрабри луѓето кои не гласале во првиот, да гласаат во вториот круг. Нагласи дека нема да бара никаков договор со ниту еден политички субјект за механичко префлување на гласовите во вториот круг.
“Tоа е концепт кој е потполно туѓ на моето политичко верување. Никогаш не сум го правел тоа, ниту ќе го прават сега, никакви заткулисни договори ниту во 2014, ниту во 2019 година не сум правел такви договори со ниту еден политички лидер, со ниту една политичка партија за да механички преземам гласови од која било етничка заедница или не знам од која било општина, од која било социјална група или категорија. Тоа нема да го правам ни сега”, истакна Пендаровски.