Претседателот на Туркије Реџеп Таип Ердоган     Фото: АА

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, продолжува со својата дипломатија за изнаоѓање решенија за регионалните и глобалните проблеми и за развивање на политичките и економските односи со земјите.

Ердоган на Самитот на лидерите на НАТО што се одржа во Мадрид, главниот град на Шпанија, имаше интензивна дипломатија поради барањето за членство на Шведска и Финска во НАТО и агендата на Самитот.

Во рамки на Самитот, по тричасовната средба меѓу Ердоган и финскиот претседател Саули Нинисто, шведската премиерка Магдалена Андерсон и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, беше потпишан трилатерален Меморандум.

Лидерите на Шведска и Финска се обврзаа да преземат чекори за решавање на загриженоста на Туркије.

Меѓу другото, Ердоган имаше и билатерални средби со американскиот претседател Џо Бајден, германскиот канцелар Олаф Шолц, британскиот премиер Борис Џонсон, австрискиот премиер Карл Нехамер, шпанскиот премиер Педро Санчез, францускиот претседател Емануел Макрон, претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, холандскиот премиер Марк Руте и романскиот претседател Клаус Вернер Јоханис.

По интензивните контакти во Шпанија, Ердоган своите дипломатски активности ги продолжи и по враќањето. Тој во вторникот, во Претседателскиот комплекс беше домаќин на италијанскиот премиер Марио Драги.

Турскиот претседател и италијанскиот премиер претседаваа со меѓувладиниот Самит Туркије - Италија.

По седницата беа потпишани 9 договори меѓу Туркије и Италија во различни области, како одбранбената индустрија, справувањето со катастрофи и вонредни состојби, одржливиот развој, науката и технологијата.

Претседателот Ердоган се сретна и со претседателот на Сомалија, Хасан Шејх Махмуд, кој вчера, исто така беше во официјална посета на Туркије.

За време на тет-а-тет средбите со Махмуд и средбите меѓу делегациите, се разговараше за билатералните односи.

На заедничката прес-конференција со Махмуд, Ердоган рече: „Како Туркије, ние се стремиме да ја зголемиме нашата соработка со сите наши браќа во Африка врз основа на вин-вин принципот и еднакво партнерство. Решени сме да ги развиваме и одржуваме нашите односи со континентот. Износот на хуманитарната и развојната помош што ѝ го обезбедивме на Сомалија во последните 10 години е преку 1 милијарда долари.“

Дипломатските активности продолжуваат со Малезија

Третиот лидер на кој што неделава ќе биде домаќин претседателот Реџеп Таип Ердоган во Анкара е малезискиот премиер Исмаил Сабри Јакуп.

Ердоган денеска во Претседателскиот комплекс ќе го пречека Јакуп, кој ќе престојува во четиридневна официјална посета на Туркије.

На средбите ќе бидат разменети мислења за натамошниот развој на односите меѓу двете земји, зајакнување на економските односи, како и унапредување на соработката во воздухопловната и одбранбената индустрија.

Туркије работи за глобалната безбедност на храната

Туркије, под раководство на претседателот Ердоган ги продолжува напорите да запловат бродовите натоварени со жито што чекаат во украинските пристаништа поради Руско-украинската војна.

Житото треба да стигне до земјите на кои им е потребно преку безбедниот коридор што ќе се отвори во Црното Море. Во овој контекст, со посредство на Туркије продолжуваат преговорите со делегациите на Украина и Русија.

Турските и украинските воени делегации одржаа состанок во Министерството за национална одбрана во понеделникот, на 4 јули. На средбата се разговараше за чекорите што треба да се преземат за излез од кризата.

Кризата со жито беше на дневен ред и на средбата на Ердоган со италијанскиот премиер Драги. На заедничката прес-конференција на двајцата лидери, Ердоган даде важна порака за напорите за отворање коридор за жито во Црното Море.

„Ќе ги интензивираме нашите разговори во рок од 10 дена и ќе се обидеме да постигнеме резултат“, нагласи турскиот претседател.


Наведувајќи дека е важен пристапот и на рускиот претседател Владимир Путин и на украинскиот претседател Владимир Зеленски, Ердоган рече дека сакаат да продолжат разговорите под покровителство на Обединетите нации и со средба со генералниот секретар Антонио Гутереш.

AA
Популарни