Статусот на дијалогот помеѓу Азербејџан и Ерменија беше главна тема на средбата на Османи со азербејџанскиот претседател Алијев.  

Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, по вчерашната посета на Грузија, денес ја продолжува посетата на Јужен Кавказ на средби со високи претставници на Азербејџан.

Според соопштението на МНР на Северна Македонија, Османи во овие рамки се состана со претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев.

Статусот на дијалогот помеѓу Азербејџан и Ерменија беше главна тема на средбата на Османи со азербејџанскиот претседател Алијев.

„Сметам дека ситуацијата овозможува конструктивно ангажирање низ различните меѓународни и билатерални платформи за да се дојде до мирно решение и да се постигне мировен договор кој ќе биде прифатлив за сите, а со тоа да биде и одржлив“, истакна Османи на средбата со Алијев.

„Ќе продолжам со ваков избалансиран пристап. ОБСЕ, со сите свои предизвици со кои се соочува, сè уште претставува форум кој е вистински заинтересиран да види мир во овој клучен регион“, додаде Османи.

Тој истакна дека преку постоечки и идни активности, ОБСЕ ќе поддржи решенија кои придонесуваат за стабилноста и безбедноста и кои ја подобруваат состојбата на населението погодено од конфликти.

„Посебно бев заинтересиран да слушнам за прашањето на интеграцијата на Ерменците во Азербејџан и како по долги години конфликти и тензии може повторно да се воспостави стабилност и доверба“, нагласи тој.

Османи побара поддршка од Азербејџан, како долгогодишен партнер на ОБСЕ, за решавањето на најитните прашања на Организацијата и на тој начин подобро справување со безбедносните предизвици што го засегаат Јужен Кавказ, но и поширокиот регион на ОБСЕ.

Денеска Османи ќе има и средби со министерот за надворешни работи, Џејхун Бајрамов, и со претседателката на Националното собрание на Азербејџан, Сахиба Гафарова.

AA
Популарни