Еко-активисти со напади на уметнички дела привлекуваат внимание      Фото: / Photo: TRT World

Се започна кога маж преправен во старица со инвалидска количка влезе во музејот на Лувр и со торта ја измачка Мона Лиза, скапоцената слика на Леонардо да Винчи.

По тој инцидент, еко-активисти низ Европа почнаа да го имитираат овој начин на изразување протест.

„Се сметам себеси за активист за климата, но гледајќи ги овие луѓе како фрлаат супа или се лепат себеси за сликите ме тера да се запрашам дали за истата планета се бориме да ја спасиме“, вели климатскиот научник проф. Левент Курназ од турскиот универзитет Богазичи.

„Планетата е важна, но важни се и уметничките дела“, додава тој.

Серџо Муњоз Сармиенто, адвокат за уметност од Њујорк и основач на Програмата за уметност и право, сподели слични ставови

„Зошто да се обидуваме да уништиме нешто уникатно и вредно за да ја истакнеме поентата за зачувување на нашата животна средина?, прашува тој.

Еко-активистите, пак, во најголем дел тврдат дека не таргетираат уметнички дела со намера да предизвикаат штета. Напротив, тие рекоа дека им пристапуваат на уметничките дела со претпазливост и грижа, осигурувајќи дека нема ризик за културните богатства.

„Да - уметноста е скапоцена. Таа љубов и ние длабоко ја споделуваме. Она што сакаме да го направиме е да ја спасиме иднината каде што човечката креативност сè уште ќе биде возможна“, напиша „Само сопрете ја нафтата“ (Just Stop Oil), една од групите што го предводат овој нов вид активизам.

„Многу сме блиску да изгубиме се, па затоа мора да ги прекршиме правилата. И тоа значи провоцирање на културата, предизвикување и шокирање. Не постои друг начин“.

Врз делата фрлаат боја или храна и се лепат со рацете за ѕидови или рамки     Фото: Reuters Reuters

Погрешна акција, правична цел

На 14 октомври, активисти од Just Stop Oil фрлаа супа од домати врз сликата „Сончогледи“ на Винсент ван Гог, покриена со стакло, изложена во Националната галерија во Лондон, изразувајќи го барањето на групата британската влада да ги „запре сите нови проекти за нафта и гас“.

Потоа активистите од „Последната генерација“ (Letzte Generation) со пире ја испрскаа „Стогови сено“ најскапата слика од Клод Моне вредна 111 милиони долари која е изложена во музејот Барберини во Потсдам, Германија.

„Дали е потребно да истуриме пире на сликата за да обрнете внимание. Оваа слика нема да вреди ништо ако ќе треба да се бориме за храна“ рече еден од активистите.

Чинот беше направен со „тешко срце, но со одлучност“ велат од „Последната генерација“.

Ниту една слика не беше оштетена во инцидентите кои се случија од мај годинава, освен некои помали оштетувања на рамката на „Сончогледи“ на ван Гог.

Сармиенто вели дека „без оглед дали овие чинови се криминални или не ќе зависи од законите на земјата каде е лоцирано уметничкото дело“.

Активистите кои досега се приведени се соочени со обвиненија за вандализам, кривична одговорност за оштетување имот и тежок престап.

За среќа, оваа нова стратегија на активизам не нужно ја намалува вредноста на сликите.

„Ако уметничките дела се врамени и заштитени со стакло или плексиглас, тогаш се надеваме дека нема директно оштетување на вистинското уметничко дело“, објаснува Сармиенто.

„Ако има штета, постојат конзерватори ширум светот кои би имале вештини за отстранување и поправка на таквите штети“.

Од музеите засега не коментираат како активистите успеале да внесат торти, супи, пире и лепаци во Лувр и Барберини.

just stop oil Reuters

Зошто ги напаѓаат познатите дела?

„Овој нов вид протести во основа има за цел да ја направи климатската криза повидлива за медиумите. Нивната идеја не е да променат ништо, туку да ги втурнат медиумите во дебатата за климатски акции“, вели Курназ.

Тој е еден од многумината кои не веруваат дека таргетирањето на уметничките дела и потенцијалното нанесување штета ја помага идејата за климатски акции.

Други климатски активисти, сепак, го поддржуваат овој радикален пресврт што го направи еко-активизмот и сметаат дека е оправдан со идеалите кои ги застапува.

Одржувањето на животот и нашата планета се позначајни од уметноста, тие сметаат дека оваа стратегија се применува бидејќи другите методи не привлекуваат доволно масовно внимание и последователно на тоа свесноста за климатската криза не е на посакуваното ниво.

„Уметничката акција ни овозможи токму промена на темпото. Ги шокираше луѓето и беше многу неочекувано“, напишаа од Јust Stop Oil на нивната веб-страница.

Just Stop Oil ни изјавија дека „тие исто така се солидаризираат со другите групи и поединци кои преземаат ненасилни активности за да ја сопрат брзата катастрофална пропаст на климата која ќе предизвика страдање, раселување, глад и смрт, освен ако не се преземе нешто“.

„На ист начин како што го браниме нашето уметничко наследство, треба да бидеме посветени на грижата и заштитата на планетата што ја споделуваме со остатокот од светот“, рече еко-активистичката група „Последна генерација“ откако двајца нивни членови се залепија за стаклената рамка на „Примавера“ на Сандро Ботичели во галеријата Уфици во Фиренца.

Групата исто така нагласи дека се консултирале со експерти и користеле лепак што нема да го оштети стаклото или рамките.

Покрај фрлањето храна, еко-активистите почесто се лепат за скапоцени уметнички дела.

Во јули активистите на Just Stop Oil се залепија на неколку слики, вклучително и копија од 16-тиот век на „Последната вечера“ на Леонардо да Винчи во лондонската Кралска академија за уметности и со боја испрскаа „Стоп за нова нафта“ по ѕидот на галеријата.

Тие, исто така, се залепија на познатата слика на Џон Констабл од 19-тиот век „Кочија со сено“ прикажана во Националната галерија откако залепијс три постери на уметничкото дело, прикажувајќи копија од сценографијата, но со додаток на изгорени дрвја, авиони и 'рѓосан автомобил.

Во двата случаи, тие се залепија не директно на сликата, туку на нејзината рамка.

Неодамна, сепак, демонстрантите на Just Stop Oil стигнаа директно до едно дело, односно со чоколадна торта ја намачкаа восочната фигура на британскиот крал Чарлс Трети во лондонскиот музеј Мадам Тисо.

TRT World
Популарни