Џафери ја прими делегацијата на косовскиот Парламент / Photo: Собрание на Северна Македонија

Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, оствари средба со членовите на делегацијата на Комисијата за надворешни работи и дијаспора при Парламентот на Косово, Хаки Абази, Илза Хоти, Фиторе Пацоли и Тиме Кадријај, кои престојуваат во еднодневна посета на земјата.

Според соопштението на Собранието на Северна Македонија, Џафери нагласи дека оваа посета претставува дополнително унапредување на конструктивната билатерална соработка меѓу парламентите на двете земји, по посетите на високо ниво меѓу двете држави, меѓу кои и неговата официјална посета на Косово, реализирана во март оваа година.

„[Џафери] Го поздрави формирањето на Групата за пријателство во косовското Собрание и изрази надеж дека групите за соработка во двата законодавни дома, како и комисиите, ќе ја интензивираат меѓусебната соработка. Тој нагласи дека двете држави споделуваат исти стратешки определби и цели во однос на надворешната политика и дека Република Северна Македонија принципиелно ги подржува евроатлантските аспирации на Република Косово и во континуитет искажува подготвеност за пренесување на стекнатите знаења и искуства, како на патот кон ЕУ, така и во однос на аспирациите за интегрирање во НАТО“, се вели во соопштението.

Џафери ја повтори и силната поддршка за визната либерализација за граѓаните на Косово со ЕУ, како и поддршката за членството на Косово во меѓународните организации и иницијативи, меѓу кои и во Советот на Европа.

Тој истакна дека Северна Македонија ги поддржува напорите за решавање на прашањата Приштина - Белград како важен придонес за стабилен регион.

Претседателот на Комисијата, Хаки Абази, изразувајќи задоволство од добрите билатерални односи, нагласи дека постои простор за унапредување, со оглед дека двете земји имаат исти надворешнополитички приоритети, членството во евроатлантските структури.

Абази рече дека Косово е определено за добри односи со сите соседи, вклучително и со Србија, на рамноправна основа и нагласи дека регионот има историска можност за градење мир во кој нема простор за конфликти.

Тој ја нагласи и заложбата на неговата земја кон Берлинскиот процес како начин на забрзување на патот кон ЕУ и изрази благодарност за поддршката од Северна Македонија за зачленување на Косово во меѓународните организации.

Двајцата соговорници се согласија дека треба да се направат повеќе напори за олеснување на движењето меѓу двете земји и во таа насока за забрзување на работите околу изградбата на автопатот од македонска страна до граничниот премин „Блаце“.

TRT Balkan / агенции
Популарни