Бледски стратешки форум со фокус на Украина и европскиот пат на Балканот     Фото: АА

Војната што Русија ја започна во Украина, последиците од конфликтот, како и европската интеграција и европските перспективи на земјите од Балканот беа во фокусот на 17-тото издание на Бледскиот стратешки форум (БСФ), кој вчера и денеска се одржа во Словенија, а каде присуствуваа голем број политички лидери и дипломати од регионот и пошироко.

Поради промената на реалноста на терен, постигнувањето договор за Украина во моментов е потешко отколку во првите недели од војната, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу на Бледскиот стратешки форум (БСФ) во Словенија.

Чавушоглу говореше за актуелната војна во Украина која ја започна Русија против својот западен сосед на 24 февруари оваа година, за изгледите за изнаоѓање мировно решение и за улогата на Туркије во преговорите.

Како што рече, војната во Украина „порано или подоцна ќе заврши“, но не е познато кога. Тој истакна и дека преговорите за Украина се потешки од порано поради промената на реалноста на теренот.

„Во првите недели беше полесно да се постигне договорено решение. Сега, за жал, тоа веќе не е лесно. По вознемирувачките глетки што ги видовме во Буча, работите се променија. Но, на теренот владее нова стварност. Зборуваме за мирот, но тој мора да биде взаемно прифатен и во истовремено да биде праведен за Украина“, рече Чавушоглу.

Истакна дека Анкара продолжува да води дијалог со Киев и Москва за изнаоѓање мировно решение.

Тој изрази надеж дека договорите, како оној за извоз на жито што го постигнаа Украина и Русија со посредство на Туркије и Обединетите нации (ОН) и соработката со Москва и Киев „ќе го отворат патот за траен мир во Украина.“

Осврнувајќи се на санкциите што западните земји ги воведоа кон Русија поради војната во Украина, Чавушоглу изјави дека Туркије „не се приклучува на унилатералните санкции“ како што тоа не го стори ниту со Иран.

„Нашата трговија со Русија продолжува, но ние никогаш не дозволивме Русија да ги заобиколи санкциите преку Туркије. Ова е многу транспарентно. Ние увезуваме речиси 45 отсто од нашиот гас од Русија. Цените на гасот тројно се зголемија. Колку се одржливи овие санкции? До крајот на оваа година или пред пролетта ќе го дознаеме тоа. Санкциите против Иран беа одржливи и не ги погодија Европа или САД, но ова е прашање на кое исто така мора да одговориме“, рече Чавушоглу.

Западен Балкан е во неизвесност

Облаци исполнети со неизвесност се надвиснуваат над Западен Балкан и регионот влегува во рецесија е една од пораките која која беше испратена на форумот. На панелот насловен „ЕУ и Западен Балкан: Кој е подготвен?“ високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, зборуваше за актуелната состојба во Босна и Херцеговина, постојаните блокади во институциите на Босна и Херцеговина, улогата на ОХР и како земјата да се доближи до интеграција во Европската унија (ЕУ).

Тој изјави дека на Босна и Херцеговина не и треба „Дејтон два“ ​​и дека луѓето во таа земја, како и во другите земји од регионот, треба да ги преземат работите во свои раце доколку сакаат да се приближат до Европската унија.

„Луѓето се тие што ги носат одлуките. На ова треба да гледаме многу доследно. Не е здраво што по конфликтите во Западен Балкан седиме овде и гледаме незавршена работа. Националните заедници мора да разберат дека ние сме исклучиво тука да го поддржуваме овој дел од Европа, а не да управуваме со него“, рече Шмит.

Бисера Турковиќ, заменик-претседател на Советот на министри и министер за надворешни работи на Босна и Херцеговина, рече дека напредокот на земјите од регионот на патот кон членство во ЕУ зависи исклучиво од нив.

Таа посочи дека ситуацијата во БиХ денес е „полоша“ во споредба со пред неколку години и дека земјата се бори да остане функционална.

„Знам дека не е лесно, но мора да најдеме решенија, а решенија има. Ќе гледам во иднината. Мислам дека облаците се исполнети со неизвесност околу Западен Балкан, политички, но и поврзана со производството, потрошувачката на енергија ... Струјата ќе биде четири пати поскапа отколку што беше најавено Стапката на инфлација од 8,9 проценти е регистрирана во ЕУ. Шансите да добиеме кандидатски статус се многу мали“, изјави Турковиќ.

Габриел Ескобар, специјалниот претставник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, рече дека се уште има простор за огромни можности на Западен Балкан, но дека регионот, како и остатокот од светот, влегува во економска рецесија.

„Меѓутоа, нема алтернатива за европската интеграција. Треба да се фокусираме на процесот на проширување. Но, европската страна треба да заврши дел од работата. За да се поедностави процесот. Се разбира, и владите треба да го направат својот дел, а многу од нив не успеаја да го сторат тоа, како онаа во Босна и Херцеговина. Се плашам дека трите главни политички партии навистина потфрлија во овој процес“, рече Ескобар.

Тој заклучи дека сите успеси на Западен Балкан, од Дејтонскиот мировен договор до минатонеделниот договор меѓу Белград и Приштина, се постигнати благодарение на единството на САД и ЕУ.

Министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала-Шварц, зборуваше за подготвеноста на земјите-членки на ЕУ да се борат за европските вредности.

„Додека вие не гледате нас, ние ве гледаме вас. Набљудуваме колку ЕУ е обединета или не. Што ја држи ЕУ обединета, кои се принципите и вредностите за кои се подготвени да се борат членките на ЕУ и која е битката што треба да ја водиме сите заедно“, рече шефот на косовската дипломатија и додаде дека ЕУ како политичката организација треба да ги отвори вратите за земјите кои се заслужени, без да им дава привилегии на другите.

Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија, која во јули ги започна пристапните преговори со ЕУ по 17 години чекање, рече дека неговата земја покажала посветеност на културата на компромис, стратегиско одлучување и регионален одговор.

Пахор: ЕУ да и даде кандидатски статус на БиХ

Борут Пахор, претседателот на Словенија, на денешното отворање на 17-тото издание на Бледскиот стратешки форум (БСФ), ја повика Урсула фон дер Лајен, претседател на Европската комисија, да и даде на Босна и Херцеговина кандидатски статус за влез во Европската унија без какви било дополнителни услови до крајот на оваа година.

Пахор, пред се, предупреди на опасноста од нова блоковска поделба во Европа и светот, како последица на рускиот напад врз Украина. Пахор и претходно повика на забрзување на европската интеграција на Босна и Херцеговина, а го искористи Бледскиот стратешки форум и присуството на Фон дер Лајен за повторно да се врати на оваа, за него, многу важна тема.


Фон дер Лајен: Путин не може да победи во војната во Украина

На присутните им се обрати претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која истакна дека овогодинешната тема на Форумот е многу добро избрана бидејќи се работи за најрелевантното прашање за Европа и светот.

„Сè зависи од силата на демократијата, од нашиот капацитет да ги зачуваме основните принципи, да се спротивставиме на агресијата, да ги заштитиме нашите вредности и нашите пријатели. Светот внимателно го следи нашиот одговор на руската агресија. Работите се јасни на сите. На почетокот на оваа година Русија и Кина отворено го прогласија таканареченото пријателство без граници. Само неколку недели подоцна, Русија започна војна против Украина. Пораката не може да биде појасна. Ако сакаме да ги зачуваме основните принципи, како што се самоопределувањето и неповредливоста на границите, Путин не може да победи во оваа војна, а Украина мора да победи. Тоа е сосема јасно“, рече Фон дер Лајен и наиде на аплаузи во салата.

Истакнувајќи дека Европската Унија воведе серија остри санкции против Русија и дека овие санкции дополнително ќе се зголемат, Фон дер Лајен рече дека санкциите функционираат така што предизвикуваат огромна штета на способноста на Кремљ да води војна.

TRT Balkan / агенции
Популарни