„Бројот значително падна, тој е преполовен. Во овој момент десет од нив се активни. Тоа значи дека 18 изгаснавме, односно неколку од нив се ставени под целосна контрола“, изјави Ангелов.     Фото: AA (Архива)

Вкупно 28 пожари на отворено го одбележаа изминатиот ден. Најсериозно е во Старо Нагоричане, Кратово, Македонски Брод и Свети Николе. На помош се очекуваат уште шест хеликоптери и четири ер трактори, кои се дел од Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија.

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, ја оценува ситуацијата како сериозна и апелира граѓаните да не учествуваат во гаснењето, освен доколку не бидат прифатени од локалните командири.

Во текот на вчерашниот ден, според информациите од директорот на ЦУК, Ангелов, имало 28 пожари на отворено.

„Бројот значително падна, тој е преполовен. Во овој момент десет од нив се активни. Тоа значи дека 18 изгаснавме, односно неколку од нив се ставени под целосна контрола. Состојбата е сериозна бидејќи од овие десет околу половина горат во високи квалитетна шума, а најмалку два зафаќа борова шума“, изјави Ангелов во вчерашното телевизиско гостување.

Во врска со активираниот механизам за цивилна заштита на ЕУ, Ангелов информираше дека денеска, евентуално утре, ќе имаме шест хеликоптери и четири ер трактори. Два хеликоптери од Србија, два од Унгарија, еден од Словенија и еден од Чешка, и четири ер трактори, два од Германија и два од Шведска.

Ангелов во видео изјава вчера апелира до граѓаните да не излегуваат со непотребни апели за собирање на луѓе за да одат да помагаат во гаснењето на пожарите.

Тој информира дека вчера седница одржувал Управувачкиот комитет, на која донеле одлука да им предложат на Владата за ангажирање на НАТО механизмот за помош.

Според Ангелов, во моментов како најсериозни се пожарите на територијата на Старо Нагоричане, Општина Кратово, Македонски Брод и Свети Николе.

Синоќа беше локализиран и големиот пожар кој пред два дена избувна над пехчевското село Негрево. Гасењето на пожарот траеше речиси два дена, а пожарот се закануваше да го зафати и градот Пехчево.

TRT Balkan / агенции
Популарни