Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, се сретна со албанскиот претседател Бајрам Бегај во Тирана.
На церемонијата за пречек во претседателскиот Кабинет, по интонирањето на националните химни на двете земји, Ердоган и Бегај ја поздравија почесната гарда и меѓусебно ги претставија своите делегации.
По церемонијата, Ердоган и Бегај преминаа на тет-а-тет средба и меѓуделегациска средба.
На средбата, којашто се одржува зад затворени врати, учествуваат и министерот за надворешни работи на Туркије, Хакан Фидан, министерот за млади и спорт, Осман Ашкин Бак, министерот за индустрија и технологија, Мехмет Фатих Каџир, министерот за земјоделство и шумарство, Ибрахим Јумакли, министерот за трговија Омер Болат, министерот за транспорт и инфраструктура Абдулкадир Уралоглу, директорот за комуникации во Кабинетот на претседателот, Фахретин Алтун, и главниот советник на претседателот за надворешна политика и безбедност Акиф Чагатај Килич.
Ердоган на Меѓународниот аеродром „Мајка Тереза“ во Тирана беше пречекан од голем број албански претставници, меѓу кои вицепремиерката на Албанија и министерка за инфраструктура и енергетика Белинда Балука, министерот за надворешни работи Игли Хасани, министерот за внатрешни работи Ервин Хоџај и амбасадорот на Република Туркије во Тирана, Тајар Каган Атај.
Со Ердоган во Тирана допатуваа и неговата сопруга Емине Ердоган.
Ердоган за време на посетата на Албанија ќе ја отвори и Големата џамија во Тирана (Намазѓа), која ја носи титулата најголема џамија на Балканот.
Во пресрет на посетата на Ердоган, турски и албански знамиња беа истакнати на плоштадите и булеварите во Тирана, како и на џамијата.