Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес на средба го прими претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши.
На средбата, затворена за медиумите, во Претседателскиот комплекс во Анкара присуствуваше и претседателот на Големото народно собрание на Туркије, Нуман Куртулмуш.
Гаши го придружува собраниска делегација која ја сочинуваат Бејџан Иљас, претседател на пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Република Туркије, членовите на оваа пратеничка група, Никола Мицевски и Мерита Колчи Коџаџику, како и пратениците Оливер Спасовски и Беким Сали.
Делегацијата од 2 до 5 октомври престојува во официјална посета на Република Туркије, каде што ќе оствари низа средби.
Во текот на утрешниот ден, како што соопштија од канцеларијата за медиуми на Собранието, Гаши ќе биде примен од неговиот турски колега Куртулмуш, по што ќе претседаваат со состанок меѓу двете делегации, а потоа ќе имаат и заедничка изјава. Гаши ќе одржи и поздравен говор на пленарната седница на Генералното собрание на Туркије.
За време на посетата на Анкара, Гаши ќе оствари средба и со турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, а потоа ќе отпатува за Истанбул каде што ќе одржи говор пред студентите на Универзитетот „Мармара“.