Колоната со ковчезите на 50 жртви на геноцидот во Сребреница стигна во Сараево, главниот град на Босна и Херцеговина и како во претходните години, запре пред Претседателството на БиХ, каде семејствата на жртвите и бројни граѓани оддадоа почит на настраданите во геноцидот.
Колоната со посмртните остатоци потоа ќе го продолжи патот кон Поточари, каде во понеделник на 11 јули, ќе биде одржан погребот (џеназе) во комплексот на Меморијалниот центар во Сребреница - Поточари.
Пред зградата на Претседателството на БиХ, на испраќањето на сребреничките жртви, освен семејствата на жртвите и граѓаните, беа присутни претседавачот на Претседателството на БиХ Шефик Џаферовиќ, заменик претседавачот на Домот на народите на Парламентарното собрание на БиХ Бакир Изетбеговиќ, амбасадорот на Туркије во БиХ Садик Бубур Гиргин и амбасадорот на САД во БиХ Мајкл Марфи.
На главниот булевар во Сараево завладеа тишина, кога на почетокот на улицата се појави камионот со ковчезите. Бројни граѓани, кои се собраа пред зградата на Претседателството, ги испратија ковчезите со солзи и молитви.
Бројни граѓани пријдоа до камионот со посмртните остатоци и положија цвеќе во чест на жртвите на геноцидот. На возилата кои ги превезуваат посмртните остатоци на убиените во геноцидот истакнато е државното знаме на БиХ.
Бројни граѓани на Сараево се собраа и долж централната градска улица, со цвеќе во раце, за да го испратат конвојот со ковчезите и им оддадоа почит на жртвите на геноцидот во Сребреница. Камионот со жртвите застана и кај пазарот Маркале, каде се собраа голем број граѓани.
Конвојот со ковчезите утрово тргна од Високо, а негово доаѓање во Поточари се очекува денес во попладневните часови.
На гробиштата на Меморијалниот центар во Поточари оваа година ќе бидат погребани посмртните остатоци на 50 жртви од геноцидот во Сребреница извршен во јули 1995 година над жителите на „заштитената зона на ОН“ во Сребреница
Меѓу жртвите кои се бидат погребани оваа година се наоѓаат тројца малолетници. Најмлада жртва која оваа година ќе биде погребана е Салим Мустафиќ, имал само 16 години во моментот на геноцидот, а највозрасна жртва е Хусеин Крџиќ, роден во 1936 година. Ќе бидат погребани и близнаците Самир и Семир Хасановиќ, тие имаа само 20 години, во моментот на смртта. Иако заедно тргнаа по патот на спасот, пронајдени се во различни масовни гробници и во различни години.
Ќе бидат погребани и татко и син - Хајдин и Сеад Хукиќ. Ова е третиот син на Хајдин кој исчезнал. Двата сина претходно му се погребани, а по еден се уште се трага.
Во Подриње во идентификацискиот проект се наоѓаат посмртните остатоци на уште 31 жртва кои официјално се идентификувани и преку ДНК методата и од семејствата, но уште нема согласност за погребување на овие жртви.
Исто така, идентификувани се преку ДНК методата уште 61 жртва, но семејствата не пристапија кон официјална идентификација.
Ден по колективниот погреб, во Меморијалниот центар ќе започне и процесот не реесхумација, и ќе бидат реесхумирани посмртните остатоци на 85 жртви за да на нивните претходно погребани тела им се додадат делови од скелетот кои во подоцнежниот период се пронајдени и идентификувани.
Во јули 1995 година единиците на тогашната Војска на Република Српска под команда на хашкиот осуденик Ратко Младиќ извршија геноцид врз Бошњаците во Сребреница, при што ја нападнаа „заштитената енклава на Обединетите нации“ во Сребреница.
Жртви на геноцидот беа 8.372 лица. Десетици илјади жени, деца и стари лица беа депортирани или беа принудени да побараат спас во околните шуми, барајќи го патот кон слободната територија.