Руската влада предупреди дека може дополнително да ја прошири својата листа       Фото: Ројтерс

Русија го прошири својот список на таканаречени „непријателски“ нации, додавајќи пет европски држави за кои Москва вели дека презеле „непријателски“ акции.

Грција, Словенија, Хрватска, Словачка и Данска сега се на списокот, според ажурираниот список на руската влада објавен во петокот.

Сите пет земји изразија силна поддршка за Украина по руската инвазија во Украина на 24 февруари.

Списокот на „непријателски“ земји, првпат беше формиран во мај 2021 година.

На тој список, според декретот објавен на веб-страницата на Владата се Албанија, Андора, Австралија, Велика Британија, вклучувајќи ги Ангвила, Британските Девствени Острови, Гибралтар, земјите членки на ЕУ, Исланд, Канада, Лихтенштајн, Микронезија, Монако, Нов Зеланд, Норвешка, Јужна Кореја, Сан Марино, Северна Македонија, Сингапур, САД, Тајван, Украина, Црна Гора, Швајцарија и Јапонија.

Владата на Руската Федерација им овозможи на руските граѓани и компании, како и на државите, регионите и општините кои имаат обврски во странска валута, да ги вратат во рубљи своите долгови кон доверителите од земјите на списокот на непријателски земји.

Според одлуката, Владата го ограничува бројот на локален персонал што може да биде ангажиран во дипломатските мисии на одредени нации во Русија.

„Словенија и Хрватска нема да можат да вработуваат вработени во нивните дипломатски претставништва и конзуларни претставништва“, се наведува во владината уредба.

Ова е прво проширување на руската листа на „непријателски“ земји.

Руската влада предупреди дека може дополнително да ја прошири својата листа „земајќи ги предвид тековните непријателски дејствија на странски држави против руските мисии во странство“.

Посебна листа на „непријателски“ земји наметнува економски ограничувања на 48 претежно западни земји како одговор на санкциите воведени кон Русија поради нејзината инвазија на Украина оваа година.

Москва побара земјите од таа листа да извршат исплата на долгот во рубљи и да добијат одобрение од владата за корпоративни зделки покрај тоа што се поставуваат визни ограничувања за нивните граѓани.

Рускиот претседател Владимир Путин во мај ги забрани економските односи со санкционирани лица од „непријателски земји“ како одговор на запленувањето на имотот од Запад во странство.

TRT Balkan / агенции
Популарни