Загадувањето е регистрирано во Гостивар, Куманово, Струга, Струмица и во Кавадарци, покажа анализата направена од УНДП / Photo: Министерство за образование на РСМ

Воздухот во училиштатата и градинките во Гостивар, Куманово, Струга, Струмица и во Кавадарци е загаден двапати над препорачаната граница од Светската здравствена организација, покажа анализата направена од УНДП презентирана денеска во Скопје.

Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ го спроведува УНДП во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, и е финансиран од Шведска.

Резултатите ги презентираше професорот од Штипскиот универзитет Дејан Мираковски, кој за медиумите изјави дека во период од скоро една година, согласно методологијата препорачана од Светската здравствена организација (СЗО), успеале да направат анализи на квалитетот на воздухот во просториите каде што престојуваат деца и ученици.

Според Мираковски, воздухот во затворените простории во училиштата и градинките, слично како и надворешниот амбиентален воздух, го надминува дозволениот лимит на ПМ 2,5-суспендирани честички, а истражувањето покажало дека другите загадувачи, како гасови и биоаеросоли, биле во прифатливи граници.

За разлика од надворешната загаденост, за внатрешната има повеќе можности за справување со проблемот.

Посочи дека генерално, нема директна поврзаност на надворешниот и внатрешниот воздух и дека во зима, кога надвор се екстремно високи концентрациите, нема пробивање во внатрешниот воздух зашто денес постои подобра изолација и објектите се енергетски ефикасни.

Како што рече, во текот на зимата има помали концентрации внатре, но во текот на летото концентрациите на штетни честички се повисоки внатре отколку во надворешниот воздух.

„Во просек, ги надминуваме препораките на СЗО скоро за двапати, така што неопходно е да се преземат мерки коишто би направиле условите во училиштата и во градинките да бидат и здрави и безбедни за децата и за наставниците. Генерално, ние дишеме загаден воздух, и внатре и надвор, со тоа што внатрешниот воздух веројатно е и поголем проблем за нас бидејќи ние, посебно во зимскиот период, престојуваме подолг период внатре отколку надвор“, рече Мираковски.

Сепак, за разлика од проблемот на загадениот воздух надвор, за воздухот во затворени простории има повеќе решенија – од современи системи за вентилација до едноставни самостојни системи за филтрација на воздухот со кои, рече, може да се намалат и 80-90 проценти од концентрациите на суспендирани честички.

Добри и брзи резултати, според Мираковски, може да се постигнат и со наједноставни мерки за хигиена – почесто пребришување, користење обувки или облека само за внатрешниот простор, а не да се престојува со надворешната облека.

Според професорот, наодите за нивото на загадувањето е слично во сите пет општини.

„Нема разлика помеѓу студената и топлата сезона, како што е амбиентниот воздух, и слични се вредностите, се движат од 42 или 43 па до некаде 80 микрограми на метар кубен просечните концентрации и ПМ 2,5. Максимум е 25 за осум часа внатрешен воздух, различни се вредностите на амбиенталниот и внатрешниот“, додаде Мираковски.

Посочи дека загадениот воздух особено им штети на ранливите категории луѓе, а кажа и дека имаме доволно капацитети во државава за да се опфатат пациенти, и деца, и возраснисо белодробни заболувања.

Според министерката за образование и наука Весна Јаневска, квалитетот на воздухот е од исклучително значење, особено во училиштата, затоа што, рече, влијае на психофизичкиот развој на учениците, на нивните способности да размислуваат, да се сконцентрираат, да бидат креативни, но исто така влијае и врз наставниците.

„Државата мора да работи на подобрување на условите за живеење и работење во целата околина, но секако интензивно и во училиштата. Во тој правец работиме на енергетска ефикасност на училиштата за да ја намалиме емисијата на јаглерод двооксид. Секако работиме и на промена на системите за греење, но она што е исто така многу значајно, ќе работиме и на едукација за зачувување на околината“, изјави Јаневска.

Капиталните инвестиции во 36 училишта што се во тек како и проектот за реконструкција на сите студентските домови во современи и енергетски ефикасни објекти, се дел од активностите кои ќе резултираат со подобар квалитет на воздухот.

Во моментов градежни активности се одвиваат во „Кузман Јосифовски Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје, кои ќе добијат нови фасади, фотоволтаици и екосистеми за греење. За овие проактивните мерки за почист воздух во Буџетот за 2025 за Образование се алоцирани посебни финансиски средства.

„Она на што посебно ќе посветиме внимание е подигнување на еколошката свест на децата и младите, преку наставни и воннаставни активности. Едукацијата за загадувањето и за влијанието на нашите постапки врз човековата околина и квалитетот на воздухот, од рана возраст, гради одговорни граѓани, кои доживотно ќе се грижат за почиста животната средина“, рече министерката Јаневска.

Министерот за здравство Арбен Таравари во однос на справувањето со загадувањето во државава посочи дека на Влада поминал проект на Министерството кој треба да профункционира до крајот на идната.

„Се работи за 10 болници каде што ќе се замени стандарното греење со мазут и со нафта и ќе бидат вклучени начини на греење во коишто нема загадување на воздухот. Владата партиципира, меѓутоа имаме донации и од невладини организации. Јас се надевам дека овој проект доста ќе помогне“, рече Таравари.

Ѓоко Велковски, заменик-министер за социјална политика, демографија и млади, изјави дека се работи за алармантен проблем за што говори и фактот на голем број хоспитализирани деца со белодробни и респираторни болести.

„Треба сите заеднички да смогнеме сили и да направиме конкретен план и да тргнеме во борбата против загадениот воздух и како да го намалиме тоа влијание, пред се, кај нашите најмлади“,изјави Велковски.

Посочи дека Министерството за социјална политика, демографија и млади обезбедува на локално ниво блок-дотации за градинките и со тие средства, рече, тие може да набават прочистувачи за воздух.

„Како Министерство, во новиот буџет, ќе ја разгледаме можноста и најдиректно да помогнеме токму на решавање на ова прашање, барем на едно минимално или локално ниво, коешто не е решение, но можеби е некоја превенција во оваа ситуација“, додаде Велковски.

Според амбасадорката на Шведска Ами Ларсон Џаин, и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, наодите од истражувањето ќе им помогнат на петте града во справување со проблемот.

TRT Balkan / агенции
Популарни