Албанскиот премиер Еди Рама денеска во Тирана го прими британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон.
„Албанија е навистина успешна приказна во однос на економијата и успехот во НАТО. Успешно го направивте невозможното, завршивте одлична работа и покажавте одлично лидерство во Советот за безбедност на ОН“, рече Камерон по состанокот.
Посочувајќи на добрата соработка на Албанија во борбата против нерегуларната миграција, Камерон рече дека тоа е исклучително позитивно и успешно партнерство и оти верува дека ќе биде пример за другите.
„Нередовната миграција е проблем со кој се соочуваат сите ширум Европа“, рече тој.
Камерон укажа на важноста на регионалната соработка и рече дека секој проблем на Западен Балкан е проблем и во Европа.
„Во наш заеднички интерес е да го помогнеме процесот на помирување, економски раст и разбирање“, додаде Камерон.
Албанскиот премиер Рама укажа на важноста на проектот за пругата Драч - Приштина, кој е стратешки проект во кој е вклучена и Велика Британија и додаде дека овој проект има посебно значење за Албанија и Косово.
„Разговаравме за многу добри билатерални односи и нивно натамошно унапредување. Разговаравме и за напредокот на мировните процеси и процесите на соработка во регионот, како и за борбата против илегалната трговија со луѓе“, рече Рама.
Камерон во Тирана се сретна и со албанскиот министер за надворешни и европски работи Игли Хасани, а неговата средба со албанскиот претседател Бајрам Бегај беше откажана.